СДСМ го користи буџетот на општина Струмица за раздавање тендери на луѓе блиски до Заев, обвини денеска Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Зоран Заев и неговите наследници градоначалници на Струмица само на семејната фирма на Цветанка Иванова, ДИКОР ЦД ДООЕЛ, дале над 1 милион евра, односно преку 70-тина тендери од буџетот на општина Струмица. Бидејќи бев вчера прозван од градоначалникот на Струмица, ова што денес ќе го приложам пред медиумите се документите извадени од страницата на Бирото за јавни набавки од кои што јасно се гледа дека фирмата ДИКОР ЦД ДООЕЛ, која што е сопственост на синот на Цветанка Иванова, а претходно на нејзиниот сопруг, од општина Струмица, во период од 2009-та година до денес испумпала над 1 милион евра. Синот на Иванова, Зоран Иванов, кој е сопственик на ДИКОР ЦД ДООЕЛ, е исто така косопственик на Омни градба, заедно со Трајче Заев – рече тој.
Тој порача дека одговорност ќе има за сите кои злоупотребиле функција и се богателе на сметка на, како што рече, намачениот македонски народ.
– СДСМ изминатиов период покажа дека можат единствено повеќе криминал, можат повеќе корупција и може повеќе порази за нашиот народ и нашата земја. Да ставиме сите заедно крај на оав виткање на кичмата. Време е Македонија да се исправи! Следува обновата на Република Македонија – порача Ѓорѓиевски.