Џорџ Буш нема никаква заслуга за признавањето на нашето име

Денес, главна задача на САД е да се бугаризираат останатите делови. Нели е тоа најлесниот начин да се затвори вековното „македонско прашање“ и дефинитивно да ги снема Македонците како народ? Со таква намера, во 2004, САД ни го признаа нашето уставно име.

2,851

При крајот на јануари 2023 година, дури двајца излегоа со погрешни тврдења дека американскиот претседател, Џорџ Буш помладиот, бил клучен и заслужен што САД, во ноември 2004, ја признаа Македонија под уставното име. Да потсетиме, признавањето не беше целосно туку само за билатерално користење, и привремено, до нашето прекрстување.

Прво, тоа го тврдеше Срѓан Ќерим, во „Само интервју“ на Канал 5, а потоа, врз друга основа, го коментираше и Мартин Треневски, на ТВ Алфа. Ќерим тврдеше дека на некој состанок со Буш (2002 или 2003 година), на кој биле повеќе Македонци и Американци, не било доволно внимание посветено на нашиот проблем со името и затоа, тој и претседателот Борис Трајковски, го тргнале на страна. Тогаш, Ќерим му го објаснил на Буш значењето кое името го има за нашата земја, а тој им ветил дека, ако биде реизбран, ќе го реши проблемот!






Треневски кажа дека имал сознанија за средба на Буш со истакнати Македонци од Канада и, се чинело, нивното барање било клучно за признавањето на името.

Ни едното, ни другото нема никаква врска со тоа што навистина се случи.

Можеби Буш и му го ветил тоа на Трајковски, а можеби и улогата на канадските Македонци не е за потценување. Фактите, меѓутоа, зборуваат за нешто сосем  друго. На 5 ноември 2004 година, портпаролот на Стејт департментот, Ричард Бучер (Richard Boucher), објави: „Унилатерално, САД го признава името ‘Република Македонија’. Решението е баш сега како знак за поддршка на Владата во Скопје четири дена пред критичниот 7 ноември, кога е закажан референдум од опозициските националисти, на кој Македонците ќе решаваат дали да го отфрлат или имплементираат законот за децентрализација, изгласан во август. САД се загрижени дека отфрлање на законот, којшто им дава на етничките Албанци поголемо учество на општинско ниво, може да предизвика граѓански немир кај Албанците во земјата“. (Wilson Center, Global Europe Program, Macedonia).

Понатаму, во изјавата се наведува: „Имплементирањето на законот би бил финалниот чекор во спроведувањето на обврските од Охридскиот рамковен договор, издејствуван од САД и од ЕУ“. И, се заклучува: „Со поддршката на планот за децентрализација, Вашингтон сака да ја придвижи земјата поблиску до членство во НАТО и ЕУ“.

Ова е вистината. Ако успееше референдумот против новата административна поделба на Македонија, немаше да дојде до непотребно и историски крајно погубно албанизирање на Струга, Тетово, Кичево, та и Скопје, коешто стана двојазично. Сега на сите мора да им биде јасно дека, во таков случај, ќе беше многу тешко да се реализира американското сценарио за бришење на Македонците, коешто деновиве ја доживува својата финализација. Тогаш, за САД беше клучно да се албанизираат делови од Македонија и, за таа цел, ни го признаа името.

Денес, главна задача на САД е да се бугаризираат останатите делови. Нели е тоа најлесниот начин да се затвори вековното „македонско прашање“ и дефинитивно да ги снема Македонците како народ? Со таква намера, во 2004, САД ни го признаа нашето уставно име.

За да нема дилеми, по некое време, САД појаснија дека името не го признаваат за секаде, за сите прилики, туку само  за билатерална комуникација и дека е тоа привремено, бидејќи тие ќе бидат први коишто ќе го користат новото име, коешто Македонија мора да го договори со Грција! За возврат, пак, албанизираните територии, како такви, ќе ни останат за вечност. Мора да се нагласи дека на иста основа, билатерално и привремено, без никаква врева, Велика Британија го користеше нашето уставно име од 1999 година, а пред 2004 година, истото веќе го правеа и Германија, Италија…

Значи, САД привремено жртвуваа кралица, за да не матираат.

Интересно е дека оваа информација од Стејт департментот воопшто не беше објавена во нашите медиуми. Не треба да има дилеми дека на политичкиот врв, Вашингтон детално им го објаснил чекорот. Пошироко, за американските мотиви се дозна од странските медиуми.

Чинам дека беше во 2010 година, на ручек, заедно со покоен Димитар Мирчев, директно го прашав вториот човек на американската амбасада во Скопје – дали е точно дека името во 2004 година ни беше признато заради блокада на референдумот против новата административна поделба на земјата? Високиот американски дипломат не само што го потврди тоа, туку и на сосема непријатен начин, со широка насмевка, констатира дека тогаш имале можност, прилика, аргумент… (признавање на името) како да го спречат референдумот, за да праша – како сега, и со што, да ве натераме (убедиме!) да го промените и името?

Тоа е вистинскиот американски прагматизам којшто мене, морам да признам, ме шокираше. Врз основа на тој разговор е барана изјавата на Стејт департментот за случајот.

Џорџ Буш беше реизбран на 2 ноември 2004 година. Во изјавата од 5 ноември 2004. се прецизира дека одлуката за признавање на името на Македонија, државниот секретар, Колин Пауел, ја потпишал на 3 ноември, а ЕУ била известена пред тоа. Поточно, пред изборите. Секој од читателите сам нека заклучи дали е можна било каква улога на Буш, во оваа одлука на Стејт департментот?

Во предвечерието на референдумот, закажан за 7 ноември, на плоштадот во Скопје, СДСМ организира голема прослава по повод американското признавање на името. Најверојатно, тоа било договорено и со американската Амбасада. Така, дефинитивно беше миниран референдумот. Власта создаваше впечаток дека САД ја промени својата политика во однос на нашето име, што воопшто не беше точно. Тогаш работев во Москва и, морам да признам, бидејќи немавме никакви изворни информации, и лично се надевав дека САД навистина се премислија.

Да потсетиме на уште еден случај со Џорџ Буш, којшто кај нас сосема погрешно се толкува. Погодувате, се работи за самитот на НАТО, во Букурешт, во 2008 година. Мнозина се сеќаваат дека таму, Буш изјави дека утредента во НАТО ќе бидат примени Македонија, Албанија и Хрватска. Примени беа само Албанија и Хрватска. Веројатно, тоа беше единствен случај во историјата, американски претседател да биде демантиран за само 24 часа.

Медиумите и политичарите, кај нас, тврдеа дека Грција ставила вето на нашиот прием. Тоа нема никаква врска со реалноста. Факт е дека Грција се фалеше дека така постапила, ама тоа беше само за нивна домашна употреба. Впрочем, ако беше така, сигурно ќе се јавеше Турција и ќе условуваше – или трите земји заедно, или ниту една. Тоа би била логична реакција на Анкара, иако ми е добро познато дека претходно, Македонија не барала таква помош од Турција. Очигледно, нашите беа сосема сигурни дека ќе влеземе во НАТО.

Неспорно е дека Буш сакал трите земји да влезат во алијансата. Тоа ќе беше негов голем успех – го зацврстил јужното крило на НАТО. Нашиот хендикеп, пак, беше што за осум месеци, завршуваше неговиот втор мандат и неговите соработници веќе го планираа и работеа на период по него. Тие знаеја дека, ако Македонија влезе во НАТО со референцата, тоа би бил преседан којшто би се повторил и при влезот во ЕУ. Тоа би значело дека никогаш нема да има конкретна причина, Македонија да биде присилена да се прекрсти. Уцените на Грција со НАТО, и на Бугарија со ЕУ, не се воопшто случајни. Како членка на НАТО и ЕУ, пак, Македонија би имала широк маневарски простор да ја отфрли референцата, и да си го врати своето уставно име. Кога си внатре, маневарскиот простор е поинаков.

Со приемот во НАТО под референцата, ќе пропаднеа сите американски сценарија за затворање на „Македонското прашање“ и бришење на Македонците како народ, коишто Вашингтон филигрански ги спроведува, од распадот на Југославија, та се до денес. Затоа Македонија не успеа во Букурешт. Впрочем, од турски извори, имам потврдени информации дека вечерта, по изјавата на Буш дека ќе станеме членка на Алијансата, откако неговите сигурно му објасниле дека приемот на нашата земја не доаѓа предвид, тој имал средба со турскиот претседател, Ѓул. Го молел да не го условува приемот на Албанија и Хрватска, со прием и на Македонија. Тоа е нов доказ дека немало грчко вето. Ако никој не беше примен, ќе беше голем личен неуспех на Буш. Впрочем, ако САД навистина сакале да не примат, верува ли некој дека Грција ги спречила? Тоа е надвор од умот.

Додатна потврда дека се’ беше баш вака, е фактот дека од Букурешт добивме сосема јасна порака – прво името (прекрстување), потоа членство. По самитот се случи и целосен пресврт на американската политика кон Македонија. До тогаш, САД никогаш јавно не бараа од нас да се прекрстиме, иако тоа секогаш беше нивна цел. Во преден план ја пуштаа Грција. По Букурешт, нивната Амбасада во Скопје отворено работеше на наше прекрстување. Тогаш за амбасадор дојде и познатиот Рикер, којшто нескриено се однесуваше како наш (не избран) гувернер.

За крај, да констатираме дека со голема сигурност може да се тврди дека ниту една одлука на Стејт департментот за Македонија не оди на одобрување кај претседателот. И обратно – кај претседателот не се решава ништо што се однесува на Македонија. Таму, на дневен ред се поважни прашања. Исклучок може да бидат само регионот и Косово, коешто е нивна рожба.

Поврзани содржини