ОПШТИНИТЕ ИМ СЕ ПРЕПУШТЕНИ НА ИЗВРШИТЕЛИТЕ Локалната самоуправа е парализирана од недомаќинско и неодговорно работење
За состојбата, деновиве алармираа дел од новите градоначалници кои велат дека наследиле големи долгови. Нивните колеги, кои раководеле со дел од општините во претходниот мандат велат дека општините имаат заостанати долгови и по 30 години, а решение гледаат во системски промени во однос на фискалната децентрализацијата, штедење и разумното трошење на општинските пари кои тешко се создаваат.
Општините натрупаа нови долгови иако владата во 2018 година покри половина од нивниот долг кој тогаш изнесуваше околу 100 милион евра. Во септември годинава долгот на општините и градот Скопје, без долгот на нивните јавни претпријатија, според Извештајот за пријавените обврски по субјекти на Министерството за финансии, изнесуваше околу 62 милиони евра. Оваа бројка е драстично повисока, ако на долгот на општините се додаде и долгот на нивните јавни претпријатија како и долгот за кредитите кој моментално изнесува 18,5 милиони евра. Општините Тетово, Охрид, Гостивар и Карпош и овојпат се на врвот на должниците како и пред 4 години. Тие, скоро и да не успеале да го намалат долгот за овој период.
За состојбата, деновиве алармираа дел од новите градоначалници кои велат дека наследиле големи долгови. Нивните колеги, кои раководеле со дел од општините во претходниот мандат велат дека општините имаат заостанати долгови и по 30 години, а решение гледаат во системски промени во однос на фискалната децентрализацијата, штедење и разумното трошење на општинските пари кои тешко се создаваат.
Според Извештајот на Министерството за финансии во кој е содржан долгот на 76 општини и Градот Скопје, во септември најголем долг ималаОпштина Тетово, кој без долгот на јавните претпријатија, изнесува 11,9 милиони евра. По неа се Општина Охрид со долг од 6,7 милиони евра, Општина Гостивар 5,4 милиони евра, Општина Карпош 4,1 милион евра. Делчево и Струга имаат долг од над 3 милиони евра. Над 1 милион евра долг имаат и општините Желино – 1, 8 милиони евра, Кавадарци – 1,7 милиони евра, Врапчиште – 1,5 милиони евра, Студеничани – 1, 4 милиони евра, Василево – 1,3 милиони евра, Брвеница – 1,2 милиони евра. Општините Кичево, Чаир и Гевгелија имаат долг во износ малку повисок од 1 милион евра, а останатите општини и Градот Скопје се со долг под 1 милион евра.
Најмал долг во септември прикажала Општина Центар само 620 евра, а малку повисоки долгови имале општините Македонска Каменица од 1462 евра, Зелениково имало долг од 2471 евро.
Градот Скопје во септември прикажал доспеан и неплатен долг од 675.223 евра и дополнителен недоспеан долг кој е планиран да се плати годинава од 2,3 милиони евра. Во извештајот се прикажани и недоспеаните преземени долгови на Градот и за наредните две години кои изнесуваат вкупно 5,3 милиони евра.
Општините Сарај, Штип и Дебарца немаат прикажано долг во септември.
Општина Куманово која пред 4 години беше меѓу трите најголеми должници, во септември имала долг од само 85.285 евра кој, како што вели нејзиниот прв човек е сервисиран и има доволно пари да се покријат долговите до следниот буџет. Покрај Куманово успешен пример на справување со долгот има и општина Битола каде што претходната градоначалничка наследи долг од 13,5 милиони евра и дополнителни 4,3 милиони евра долг на училиштата. За 4 години успеа да го сведе на нула, а на сегашниот градоначалник му остави каса со плус 4,3 милиони евра потребни да се заврши плаќањето на планираните проекти до крајот на годината.
За високиот долг на Општина Тетово алармираше новиот градоначалник Билал Касами. Тој на билборд го објави долгот на општината заедно со долгот на јавните претпријатија под нејзина закрила. Долгот на општината, според неговите податоци, изнесува 24 милиони евра од кои само општинската администрација Тетово должи 14 милиони евра.
– Моментално, Општина Тетово е блокирана. Има над 430 решенија на извршители кои ги доставиле до трезорот и во моментов не располагаме со сметката на општината – рече Касами.
Градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, исто така, се пожали дека не може да крене глава од извршители, но има и нови судски постапки за неисплатени долгови.
Но, не е само Карпош цел на извршителите, ако се погледне кон кого последните месеци плаќале општините може да се види дека поголем дел од општините должници исплаќаат побарувања на извршители.
Јавно за долгот на Општина Охрид проговори и новиот градоначалник оваа на општина Кирил Пецаков. Тој рече дека долгот заедно со јавните претпријатија од состав на општината е 22 милиони евра. Само општината го зголемила долгот за 8 милиони евра.
– Сето тоа е резултат првенствено на недомаќинско работење, предимензионирање на буџетот, одвојување големи суми за времени вработувања, трансфери кон невладини организации и медиуми. Само во последните две ставки трансферите од минатата година до оваа се разликуваат за дополнителни 250.000 евра – рече Пецаков.
Досега никој од градоначалниците на кои претходниците им оставија доволно пари во општинската каса да ги плаќаат преземените обврски до крајот на годината не излезе јавно да каже за тоа.
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски кој доби втор мандат и веќе во првиот го елиминира долгот на општината, проблемот на трупање долгови кај општините го гледа во слабиот капацитет на општините да управуваат со општинските пари, но и во некои системски решенија кои се направени, како што вели, на штета на општините.
– Во државата немаме реална фискална децентрализација, а парите кои треба да ги добијат општините како процент од ДДВ и персоналниот данок се незначителни. Инвестициите на училишта, градинки, спортски објекти или инфраструктурни објекти во општините се реализираат од централно ниво. Зошто на пример, министерствата со образование и за труд и социјална политика не ги распределуваат парите за градинки и училишта на општините или Министерството за транспорт и врски и Агенцијата за спорт не ги распределуваат по одредени критериуми парите наменети за изградба на инфраструктурни и спортски објекти на општините. Тие се наменски пари и општините не можат да ги трошат за друго, но сега општините овие пари воопшто и не ги гледаат, а се задолжени за вложувањата – вели Димитриевски.
Тој додава дека дополнителен проблем за општините е и ниската даночна стапка на данокот за имот која е 0,1 отсто од цената на имотот и е најниска во регионот.
– Таа поради социо-економските услови и не може да се зголеми. Уште еден приход на општините е доведен во прашање поради сиромашното население, а тоа е данокот на продажба на имот. Поради нискиот стандард во дел од општините не се купува имот за да се плаќа данок, а за новите градби тој не се плаќа. Што значи некои од општините не можат да сметаат на овој приход. Дополнителен проблем тука е и нередовната обнова на евиденцијата за данокот на имот – вели Димитриевски.
Според него, за општините се проблем и експропријациите кои не се завршени наназад десетици години, како и каматите на долговите.
– Општина Куманово, на пример, имаше долг по тужби со камати за експропријација за улица направена пред многу години. Но успеавме да се справиме и со тој долг, а ги подмиривме и долговите на општината кои датираат почнувајќи од 2005 година па наваму. Лани го елиминиравме долгот од 11,5 милиони евра заедно со каматите, а тоа го сторивме со штедење и со успешно менаџирање на расходите. Сега редовно ги плаќаме преземените обврски и имаме пари тоа да го направиме до крајот на годината со 3 милиони евра – вели тој.
Димитриевски, се согласува дека дел од градоначалниците не успеале да го намалат трошењето и да го намалат долгот.
– За ова придонесе и распределбата на парите за покривање на долгот од државата во 2018 година. Тогаш пари им беа дадени и на општините кои најмногу трошеа дотогаш и продолжија да трошат и во овој период. Тогаш штедливите општини беа казнети, а оние кои трошеа и правеа долгови добија пари – додава тој.
Експерти и добро упатени во состојбата со долговите во општините велат дека државата има системски проблем кој е причина за порастот на долговите на општините бидејќи кај дел од нив има недостиг на институционален капацитет. На тоа упатува практиката дека општините успеваат да реализираат само 50 до 60 отсто буџетот. Затоа е потребен различен пристап кон различни општини од страна на државата за да се сведе проблемот во разумни рамки. Тие не се за покривање на долговите на сите од една кошница, бидејќи државата на тој начин им овозможува на општините да се чувствуваат покомотни, бидејќи знаат дека еден ден владата ќе ги извлече. Тоа, велат, придонесува, на пример, општините Охрид, Струга и Карпош кои имаат силен капацитет и можности да соберат приходи, редовно да ги зголемуваат долговите.
За да се види вистинска слика за состојбата со задолжувањето на општините треба да се направи анализа на преземениот и оставениот долг, велат познавачи на проблематиката.
– Познато е дека општините со децении се борат со долгови. И претходните градоначалници наследија голем долг. Од тоа колку тие успеале да го намалат за период од четири години и дали успеале да реализираат нови проекти зависи и нивната успешност. Дел од нив го намалија долгот, некои се покажаа успешни го елиминираа долгот и реализираа нови проекти, но дел не успеаја да ги менаџираат добро општинските каси и долгот секако останува и натаму – вели економист кој го контактиравме.
Според него, потребно е градоначалниците да го усогласат буџетот на приходите кои ги остваруваат во текот на годината, а расходите да ги распределат многу рационално.
– Нема друга можност за успешно реализирање на проектите, ако не се зголемат приходите на општините. Тоа мора самите градоначалници да го согледаат и да размислуваат на кој начин да го направат тоа. Го имаат данокот на имот кој во практика малку се наплатува. Ретки се општините кои го наплаќаат над 80 отсто, потоа ги имаат комуналиите и комуналните такси. И тука треба да направат чекор плус со ангажман на инспекциските служби. Во градските општини има можности и за дополнителен приход од изнајмување на урбани површини за угостителските објекти и за активности. На пример да се наплаќа за употреба на плоштадите за политички митинзи и други активности. Се на се потребна е голема иновативност за да се соберат дополнителни приходи во општинските каси со кои ќе се финансираат проектите – вели тој.
Вкупниот долг на општините лани во декември изнесуваше 60 милиони евра, во март годинава 62,2 милиони евра, во јуни 50,1 милион евра.
Во септември 2017 година вкупниот долг на 80 општини и Градот Скопје, според податоците на Министерството за финансии, изнесуваше близу 100 милиони евра. Најзадолжените 20 општини имаа долг од над 48 милиони евра без долгот на јавните претпријатија во нивна надлежност. Тие беа со блокирана сметка по една и повеќе години. Речиси две третини од долгот на овие 20 општини отпаѓаше на 3 општини: Охрид (20,5 милиони евра), Куманово (3,5 милиони евра) и Тетово (10,4 милиони евра). Владата во 2018 година обезбеди 50 милиони евра со кои требаше да покрие 51 отсто од долгот на сите општини.
Најголемите долгови на општините се натрупани во 2013 и 2014 година и во 2017 година.