ОПШТИНА САРАЈ ДОЛЖИ РЕЧИСИ 3 МИЛИОНИ ЕВРА Новиот градоначалник открива дека се трошело без милост
Во интерната анализа, Општината открила сомнителни договори, неразумни договори и трошоци направени, како што вели Елмази, без милост.
Општина Сарај има долг од 170 милиони денари или околу 2,76 милиони евра, објави денеска градоначалникот на општина Сарај Мухамет Елмази.
Тоа, според него, е тежок товар за граѓаните и за секој проект што треба да се започне во оваа општина.
– Овие обврски се документирани и имаат јасно име: на градинките им се должат 15 милиони денари, на ЈОП Сарај 28 милиони денари, на компанијата АКЦИОС за јавно осветлување 5 милиони денари, додека на ЈОП ДЕЛТА 3 милиони денари. Овие долгови ги држат сметките на општината блокирани и го оневозможиле обезбедувањето основни услуги. Оваа состојба е резултат на неконтролирано трошење и неодговорни одлуки што биле донесувани со години – рече Елмази.
Во интерната анализа, Општината открила сомнителни договори, неразумни договори и трошоци направени, како што вели Елмази, без милост.
– Ова се практики кои немаат никаква врска со јавниот интерес и кои ја втурнаа општината во финансиски хаос. Сите се документирани и надлежните органи се известени, бидејќи ова ново општинско раководство не штити никого и не ги затвора очите пред злоупотребите. Извршителите се сè уште активни и секој ден постои ризик од нови блокади. Ова е реалноста што ја откривме, општина заглавена во долгови и неорганизирана – рече тој.
Елмази порача дека Сарај веќе нема да се управува со логиката на импровизација или со начинот на размислување „некој друг нека го реши проблемот“.
– Почнавме да воспоставуваме финансиски правила, да ја зајакнуваме внатрешната контрола и да ја зголемуваме транспарентноста на највисоко ниво. Секој трошок, договор или дури и одлука сега поминува низ филтерот на одговорност и професионализам. Претставувајќи ви ја оваа ситуација, денес ја поставивме нултата точка, точката од која Сарај почнува да се издига над отчетноста, над редот и над одговорноста. Ќе ја извадиме општината од блокадите, ќе го вратиме нормалното функционирање и ќе го гарантираме исполнувањето на ветувањата, поставувајќи го стандардот на општинска администрација што работи само за граѓаните и во интерес на граѓаните – порача новиот градоначалник на Сарај.