ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ УСПЕАЛА ДА НАПЛАТИ 4,5 МИЛИОНИ ЕВРА Изнајмила простории за читални, а читалните не работат
Општината не успеала да ја собере комуналната такса за користење на паркинг просторот. Јавното претпријатие „Паркинзи“ по овој основ ѝ должи 275.447 евра за минатата година, а за 2022 и 2023 година Општината не искажала побарувања по тој основ.
Општина Центар не знае дали може да наплати околу 4,5 милиони евра бидејќи не утврдила старосна структура на долгот направен при процесот на легализација на дивоградби, а не склучила ниту договори за одложено плаќање за неплатен надоместок. Општината не ги почитувала законските обврски при повеќе тендерски постапки, а нема ниту јасни критериуми за доделување пари на спортисти, спортски здруженија и на млади таленти.
Ова покрај другото го утврдиле ревизорите при контролата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Центар за 2023 година за чија реалност изразиле и резерва.
Општината не успеала да ја собере комуналната такса за користење на паркинг просторот. Јавното претпријатие „Паркинзи“ по овој основ ѝ должи 275.447 евра за минатата година, а за 2022 и 2023 година Општината не искажала побарувања по тој основ.
Ревизорите утврдиле дека Општината во 2023 година потрошила 280.585 евра од Програмата за спорт и рекреација без да има прецизни и јасни критериуми кому ги дава парите. Од овие пари 36.682 евра потрошила за поддршка на спортисти, млади таленти, стипендии, а останатите 243.902 евра, односно 87% од парите ги доделила на КК „Работнички“. Ревизорите констатирале дека изминатите 9 години Општината не извршила контрола каде завршиле тие пари.
Општина Центар не го почитувала тарифникот за адвокатски трошоци и ги исплаќала адвокатите паушално секој месец за што потрошила 16.000 евра.
Општината паушално го плаќала и зимското одржување на улиците, за тоа потрошила повеќе од 42.000 евра.
Ревизорите ѝ забележуваат на Општината и на тоа дека потрошила 11.951 евра за изнајмување простор за читални без тендер, а читалните не функционираат.
При изградба на детска градинка во населба Пролет со вкупна вредност од 2.995.950 евра без ДДВ не се испочитувани во целост одредбите од Законот за градење.
„Во текот на изградбата склучени се анекс договори во кои се предвидени работи кои не се составен дел на основниот проект, но не е изработено дополнување на основен проект, ниту проект на изведена состојба, согласно член 51 и 69 од Законот, а ревидентот при ревидирање на основниот проект нема извршено ревизија на сите фази од основниот проект, како што предвидуваат одредбите од член 21 и член 44 став 5 од Законот за градење“, наведуваат ревизорите.
Според ревизорите, Општината не го почитувала законот за јавни набавки и при набавка на Системот за администрација, дигитализација и реконструкција на јавно осветлување за паметно мерење и управување со електрична енергија-паметни ормари чија вредност изнесува 1,84 милиони евра без ДДВ.
„Донесена е одлука за дообезбедување на средства во висина од 125.170 евра без спроведена анализа за економската исплатливост од повторување на постапката (член 77 став 5) и склучени Анекси за непредвидени работи во износ од 41.333 евра кои отстапуваат од основниот договор, за кои општината како договорен орган, нема наведено објаснувања за измените, причините и околностите поради кои не можеле да се предвидат при доделување на основниот договор (член 119 став 6, 7 и 8)“, се наведува во извештајот од ревизијата.
Ревизорите имаат забелешка и на тендерот за реконструкција на улицата Аминта трети каде што се забележува дека надзорниот орган незаконски ја намалил вредноста на основниот договор за близу 4.000 евра. За проектот се потрошени 792.000 евра, а јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“ морало одново да ја поврзе водоводната мрежа и атмосферската канализација. За овој дел не е извршен технички прием.
Според оценка на ревизорите, проблематичен е и тендерот за реконструкција на фасада и кров на ЈУДГ „13 Ноември“ за објектот „Јасмин“ за кој е склучен договор и Анекс за кусоци и вишоци со вкупна вредност 189.447 евра без ДДВ.
„Во тендерската документација кај условите за квалитативен избор, предвиден е несразмерен услов економскиот оператор да има минимален годишен приход од минимум 24.000.000 денари за секоја година поединечно за последните 3 години, иако во постапката како проценета вредност се обезбедени 167.333 евра без ДДВ, што не е во согласност со член 91 став 3 од ЗЈН“, наведуваат ревизорите.