ОПОЗИЦИЈАТА СО ОКСИМОРОН ЈА УБЕДУВА ЈАВНОСТА По четири дена дебатирање заврши точката за разрешување на Беким Сали
Покрај Сали и Алити, треба да биде разрешен и Џемаил Чупи од ресорот за дијаспора, тројцата кадри од Алтернатива која излезе од владината коалиција, а ќе бидат заменети со кадри од Алијансата за Албанците која е нов владин партнер.
Собранието доцна вечерва го заокружи претресот по предлогот за разрешување на министерот за здравство Беким Сали, во рамки на првата точка од 104. седница за Предлогот за реконструкција на Владата, но, како што најави потпретседателот на законодавниот дом Горан Мисевски, ќе се гласа дополнително. Десетина минути пред полноќ Мисевски констатираше дека повеќе нема услови за работа и ја прекина седницата, а продолжението ќе биде дополнително закажано.
Откако констатираше дека е исцрпена листата на говорници за разрешување на Сали и најави дополнително гласање Мисевски ја отвори расправата по предлогот да биде разрешен Адмирим Алити од министер за информатичко општество и администрација. Алити не ја искористи можноста да се изјасни околу предлогот за негово разрешување.
Покрај Сали и Алити, треба да биде разрешен и Џемаил Чупи од ресорот за дијаспора, тројцата кадри од Алтернатива која излезе од владината коалиција, а ќе бидат заманети со кадри од Алијансата за Албанците која енов владин партнер.
Собраниската дебата за реконструкцијата на Владата продолжи и по 18 часот вечерва, а во меѓувреме беа објавени неколку паузи на барање на координаторите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по меѓусебните обвинувања околу тоа кој ја блокира работата на Собранието.
Расправата во Собранието е отворена од почетокот на неделата од кога се разговара за првата точка – предлогот за разрешување на министрите, а на дневен ред е и избор на четворица министри и на пет заменици министри.
Во процедурална реакција на стартот на расправата, што беше прекинувана во повеќе наврати, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски повторно ги отфрли тврдењата од власта дека опозицијата ја блокира работата на Собранието.
Беким Сали за чие разрешување се расправаше четири дена, според Мицевски, сѐ уште формално правно е министер, а ВМРО-ДПМНЕ не е виновникот за состојбите во здравството и најавениот штрајк поради неисплатени плати.
Меѓу пратениците што се пријавија во бројните реплики беше и на Халил Снопче од Алијансата за Албанците, критикувајќи го однесувањето на опозицијата за предложеното разрешување на министрите.
– По дефиниција една опозиција која е жесток критичар на власта кај е логиката да одолговлекува и да не дозволи нивно разрешување. Друга работа е изборот на министри, но да не дозволиме да се разрешат министри се случува само кај нас, рече Снопче, посочувајќи дека „солидна опозиција треба да биде принципиелна, а не преку оксиморони да ја убедува јавноста.
– Кога сме кај оксимороните да ве прашам господине Снопче, дали ќе гласате министер да биде лице кое било советник во Влада на ВМРО-ДПМНЕ – му постави прашање Мицевски мислејќи на кандидатот за министер Кренар Логај.
Снопче возврати: „Искусен е Мицевски како пратеник и треба да знае дека расправаме за разрешување, а не за именување. Е тогаш ќе видите како ќе гласам“.
Мицевски ја повика СДСМ да ги собере пратениците и ако е можно да се даде половина час пауза и да се гласа за разрешувањата.
Координаторот на СДСМ Јован Митрески рече дека ваков однос кон Собранието досега е невиден.
– Навидум сакаат да се прикажат дека дискутираат посветено, а на секој начин се обидуваат да пролонгираат носење на важни одлуки во државата, оттука и кочењето на платите во здравството – рече Митрески.
На тоа реплицираше Мицевски што предизвика и нова реплика на Митрески. И двајцата кај политичкиот противник евидентираа нервоза.
Митрески во една од репликите рече дека често се споменува терминот „пазар 3“ па рече дека „на пазар 3 прочитал дека се продава бел дворец во Скопје“.
И потоа, се споменуваа покрај „бели дворци“ и „бели коњи“, „бели магариња“ бугарски европратеници, кој бил патриот, а кој „шурува“ со тие до источниот сосед и слично.
А, претседавачот со седницата Горан Мисовски ги овозможуваше репликите и контрарепликите иако самиот призна дека нема причина за дискусии зашто никој не кажува зошто бара процедурален збор.
– Давам збор за да овозможам дебата – рече Мисовски.
На крајот, малку пред полноќ, Мисовски оцени дека „нема услови за работа“ и продолжението на седницата го закажа за утре во 11 часот.