ОПОЗИЦИЈАТА КРЕИРА АФЕРА ТАМУ КАДЕ ШТО ЈА НЕМА, РЕАГИРА ВЛАДАТА Левица и СДСМ манипулираат, опрема за настани се спроведува со години
Набавката, се додава во соопштението, е склучена за изнајмување и за ракување со опрема за симултан превод и за аудио и видео поддршка на настани во внатрешен и надворешен простор на временски период од 2 години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не со однапред фиксирана сума, појаснуваат од Владата.
Владата со најсилна индигнација ги отфрла изнесените невистини и обиди за манипулација од страна на СДСМ и Левица и појаснува дека јавна набавка за изнајмување и за ракување со опрема за симултан превод и за аудио и видео поддршка на настани се спроведувала години наназад.
„Ова претставува уште еден доказ за безидејноста и политичката немоќ на овие партии кои наместо да понудат решенија за реалните проблеми на народот, се занимаваат со фабрикување лажни афери и деструктивни наративи. Дополнително, фактот што политичките партии СДСМ и Левица синхронизирано коалициски манипулираат докажува дека сакаат да направат сензација од тема која е ништо повеќе од тековно работење на Владата. А фактите се јасни, проверливи и непобитни. Станува збор за јавна набавка која со години наназад се спроведува, разликата е што денес се спроведува во согласност со законските процедури и со принципите на јавна транспарентност“, соопшти Генералниот секретаријат на Владата.
Набавката, се додава во соопштението, е склучена за изнајмување и за ракување со опрема за симултан превод и за аудио и видео поддршка на настани во внатрешен и надворешен простор на временски период од 2 години, што значи дека исплатата ќе се врши исклучиво врз основа на реализацијата, а не со однапред фиксирана сума.
„За споредба, во 2023 година Владата на СДСМ и ДУИ склучила договор на ист временски период во вредност од 30.000.000 денари без ДДВ, и тоа без рамковна спогодба, со што обврската кон буџетот била однапред целосно преземена. Ова се факти кои го разобличуваат лицемерието и двојните стандарди на оние кои денес се обидуваат да креираат афера, таму каде што ја нема“, соопшти Генералниот секретаријат на Владата.
Јавноста треба да знае дека денес транспарентноста и отчетноста се единственото начело на работа на Владата, се додава во соопштението.
„Нема повеќе тајни зделки, тендери зад затворени врати и договори во четири очи, што беа белег на владеењето на СДСМ и ДУИ. Денес сè е ставено на увид на граѓаните и на институциите. Како Влада нема да дозволиме дезинформациите и политичките конструкции да ја засенат вистината. Нашата обврска е пред граѓаните за чесна, транспарентна и одговорна власт која не се крие зад манипулации, туку се соочува со реалноста и нуди решенија“, се вели во соопштението.
СДСМ денеска обвини дека Генералниот секретаријат на Владата, со потпис на Игор Јанушев, склучил договор тежок речиси милион евра за озвучување на отворен простор, осветлување на отворен простор, видео ѕидови, бина, конструкција за покривање бина, опрема за симултан превод и техничка поддршка.
„Иако власта сака да претстави дека опремата е за симултан превод, симултан превод има најмалку. Со тендерот всушност власта купува скапа опрема за промоција и организирање на настани: озвучување, микрофони, видео ѕидови, шатори, дрон, камери, дим-машини, светлосни ефекти… Со еден збор, целосна сценографија за кампања. Дали граѓаните со народни пари ја плаќаат партиската кампања на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори? Бараме итно поништување на овој договор и одговорност од сите инволвирани. Ова е класичен пример за предизборна злоупотреба на институциите и парите на граѓаните и мора да има одговорност“, обвини денеска СДСМ.