ОПАСНОСТА ОД ВЕШТАЧКАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ГИ МОБИЛИЗИРАШЕ НОВИНАРИТЕ Започна Светскиот конгрес на Интернационалниот прес институт во Виена
Бевме многу горди кога се активираше вештачката интелигенција (AI), бидејќи мислевме дека ќе добиеме алатка која ќе го прави тоа што ќе ѝ го наредиме. Но, сега сфаќаме дека новинарството е доведено во ситуација да изнаоѓа начини како да се носи со оваа нова појава, која, за жал, отвора можности за масовно ширење дезинформации и лажни вести.
Вака новинарката од Њујорк тајмс, Џулија Енгвин, го започна нејзиниот говор на денешното официјално отворање на Светскиот конгрес на интернационалниот прес Институт во Виена.
– Вештачката интелигенција е многу добра и корисна алатка, особено за новинарите ширум светот, но истовремено е и многу опасна доколку падне во погрешни раце – истакна Енгвин.
Интересно излагање на оваа тема имаше и новинарката Кадиџа Пател од Јужна Африка, која, меѓу другото, поентираше:
– Новинари од сиот свет дојдоа денеска овде не само за да ја посетат убавата Виена, туку затоа што се загрижени од брзиот и неконтролиран напредок на вештачката интелигенција. Но, штом сте тука во толкав број, тоа значи дека сѐ уште постои надеж.
Прашањата дали ќе успее светот да одговори на директната закана од вештачката интелигенција и постои ли можност да се воведе регулација на вештачката интелигенција со цел да се спречат несакани појави ќе бидат поставувани и елаборирани во текот на Конгресот во Виена кој започна денеска, а ќе заврши утре попладне.
(Овој текст е изработен во рамките на Светскиот конгрес на Меѓународниот прес институт, на кој група новинари учествуваа преку проектот на Институтот за комуникациски студии ‘Користи факти’, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје)