ОНКОЛОЗИ ОД СКОПЈЕ ЌЕ ВРШАТ ПРЕГЛЕДИ ВО БИТОЛА И ВО ТЕТОВО Пациентите благовремено ќе бидат информирани која патологија ќе се покрива

Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, објасни дека засега се вршат само консултативни прегледи, но во иднина, зависно од условите во болниците во Битола и во Тетово, ќе се воведе и онколошка терапија. Тој додаде дека се размислува за проширување на моделот и во други градови, но дека е неопходна соодветна инфраструктура како дневна болница и простор за прегледи.

194

Доктори од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија почнаа да прават консултативни прегледи во одделот за онкологија во Клиничката болница во Битола на барање на таа јавна здравствена установи, а идната недела такви прегледи ќе прават и во Клиничката болница во Тетово.

Ова за МИА го изјави директорот на УК за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски.






– Еден колега веќе отиде, а една колешка е отидена денеска. Планираме и следниот петок да оди уште една колешка од различни патологии. Во прво време тие одат за консултативни прегледи. Покрај Клиничката болница во Битола, има барање и од Клиничката болница во Тетово, каде што доктори ќе одат идната недела. Тие се таму еден или два дена. Пациентите благовремено ќе бидат информирани кои колеги ќе одат и која патологија ќе ја покриваат и тие, наместо да доаѓаат во Скопје, ќе можат со нив да се консултираат на местото на живеење – рече д-р Стојковски.

Тој посочи дека во прво време тоа ќе биде во форма на консултативни прегледи, а потоа зависно од инфраструктурата и од можностите на клиничките болници во Битола и во Тетово, ќе почне да се аплицира и некоја специфична онколошка терапија.

– Се планира и други болници да бидат опфатени, уште разговараме, бидејќи некои од нив немаат соодветна инфраструктура. За да доаѓа некој специјалист од Скопје треба да има и соодветна инфраструктура во смисла на дневна болница и просторија за прегледи – додаде д-р Стојковски.

На прашање кога онколошките пациенти ќе можат да ја подигнуваат терапијата во аптека на местото на живеење, тој рече дека за хроничната таблетарна терапија која ја користат пациентите со хормонски зависен канцер на дојка, идната недела или неделата по неа, на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување треба да се усвои одлука, потоа се објавува во соодветни правилници, по што пациентите ќе можат да ја подигнуваат во аптеките.

– Со извештај од специјалист онколог, матичниот лекар пишува рецепт и пациентот ќе може да ја подигне терапијата во аптека. Работиме и на протоколите за апликација на терапија во другите центри што ќе бидат дисперзирани и се надевам дека и нив ќе ги завршиме – појасни д-р Стојковски.

Поврзани содржини