ОНИШЧЕНКО ДОБИЛ ПАСОШ СО САМО ДВА ДЕНА ПРЕСТОЈ ВО МАКЕДОНИЈА, А НЕ Е ЕДИНСТВЕНИОТ! Николоски изнесува нови сознанија за скандалот
Станува збор за уште четири слични случаи, кои не беа опфатени со аферата „215 пасоши за наркобосови“ – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
Имам сознанија дека украинскиот бизнисмен Олександар Онишченко, кој има македонски пасош, само два дена престојувал во Македонија, и дека има уште случаи на неосновано издавање македонски пасоши, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во дневникот на Сител ТВ.
– Ова воопшто не е наивен случај, ниту нешто е случајно. Имено, за било кое лице кое не е родено во Македонија да добие државјанство мора да се направат безбедносни проверки, но и интервју со лицето. За да се направи тоа, лицето мора да е физички присутнов во земјава. Онишченко го добил државјанството на 31 мај 2022 година, а претходно во Македонија бил само два дена, во декември 2020 година и во април 2022 година. Во периодот помеѓу не бил присутен, што значи прекршен е законот, кој вели дека мора да се направи безбедносна проверка, но исто така и разговор односно интервју – рече Николоски.
Николоски потсети дека и самата влада рече дека има пропусти заради неточни податоци и тоа е одговорност на МВР.
– Потписот е спротивен на неговото име кое е на О, а потписот на А, веројатно свесен дека прави нешто на работ на законот и затоа покрај одговорност на директорот на АНБ одговорност мора да поднесе и министерот за внатрешни работи и премиерот – смета Николоски.
Тој тврди дека има уште неколку вакви спорни случаи за кои не е направена безбедносна проверка, во случен период и со слично прескокнување на процедурата.
– Според мои сознанија, кои се кредибилни, има уште неколку други случаи на издавање на државјанство на случен случај како овој на Онишченко, за кои исто не е направена безбедносна проверка. Тоа само покажува силна ерозија во рамки на безбедносните служби. Се работи за 4 други пасоши дадени на лица со спорно или криминогено минато. Ова е надвор од скандалот за 215 пасоши за наркобосови – рече Николоски.
Тој рече дека директорот на АНБ Виктор Димовски треба сам да се повлече од амбасадорската функција која му е доделена.
– Ако има малку доблест, Димовски не треба воопшто да замине за амбасадор. Со кој ум Владата и претседателот Пендаровски планираат да го испратат за амбасадор во Франција, после овој скандал – праша Николоски.