„ОНИЕ ШТО ШИРАТ ЛАГИ ЌЕ СЕ ИЗВИНАТ“ Јанев ги отфрла обвинувањата за дипломата, остава ДКСК да докаже

„Знам дека има предмет во ДКСК, се работи на него и ги оставам службите да си ја завршат својата работа. Се надевам дека тие што изнесуваат невистини и лаги ќе имаат доблест да се извинат“, изјави Јанев.

2,166

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска изјави дека не сака да навлегува во деталите за предметот што се води против него во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), поради сомнежи околу неговата магистерска диплома.

Тој рече дека ги остава институциите да ја завршат својата работа и изрази надеж дека „оние што шират невистини ќе се извинат“.






– Не би сакал да навлегувам во деталите, ниту да влијаам на постапката. Знам дека има предмет во ДКСК, се работи на него и ги оставам службите да си ја завршат својата работа. Се надевам дека тие што изнесуваат невистини и лаги ќе имаат доблест да се извинат – изјави Јанев, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на „Националниот концепт за полициско работење во заедницата“ и „Националниот прирачник“ за истата тема.

Изјавата доаѓа по реакцијата од СДСМ, кои пред десетина дена соопштија дека имаат сомнежи во врска со легалноста на дипломата на Јанев. Според партијата, таа диплома е еден од основните услови за да може да биде назначен за директор на БЈБ. Во јавноста беше објавено дека дипломата не се наоѓа во електронските системи на универзитетот, ниту има податоци за јавна одбрана на магистерскиот труд.

Пред десет дена, од СДСМ излегоа со сомнежи за легитимноста на магистерската диплома на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, што, како што велат, може да отвори нов скандал во безбедносните служби.

Партијата се повика на објави во медиуми според кои до Антикорупциската комисија е поднесена анонимна претставка за наводна незаконитост на дипломата на Јанев, добиена на Универзитетот Скопје.

Од СДСМ укажуваат дека во неговата официјална биографија нема точен датум на стекнување на звањето „магистер“, а на интернет-страниците на универзитетот и на Министерството за образование, наводно, не постојат записи за јавна одбрана или проверка за плагијат.

– Дали е точно дека системот не функционирал во периодот кога Јанев беше именуван? Бараме одговори и итна истрага од Јавното обвинителство – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Јанев е назначен за директор на БЈБ на 28 јуни 2024 година, а претходно работел во неколку раководни позиции во МВР.

Поврзани содржини