ОМО Илинден Пирин реагираше на, како што наведе, неодговорната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев за „сепаратистичките ставови и малцинските тврдења што ги исповеда народот со кој се среќава претседателот Пендаровски“.
„Неговата изјава е лага и клевета и како таква е срамна за сите, а особено за претседателот бидејќи срамот паѓа на сите граѓани. Нашата партија никогаш не исповедала сепаратистички идеи. Досега ниту една македонска организација или Македонец во Бугарија не се обвинети, судени или осудени за сепаратистички дејствија. Лагата за сепаратизам се користи за да се оправда систематската дискриминација на која подлежат бугарските граѓани со македонска самосвест, што доведе до 14 пресуди против Бугарија од страна на Судот за човекови права“, се вели во реакцијата.
Од таму велат дека дискриминацијата на Македонците во Бугарија се рефлектира во секој извештај на меѓународна институција за човекови права во врска со Бугарија во изминатите 18 години и затоа Бугарија беше ставена под зголемен мониторинг во Комитетот на министри.
„Освен лаги и клевети, изјавата на Радев е израз и на ниска политичка култура. Тој ги поврзува малцинските права со сепаратизмот и во нив гледа нешто лошо и неприфатливо. За информација на Радев, бидејќи тој одбива не само да не прими, туку дури и да одговори на нашите барања за средба – се бориме за демократизација и европеизација на Бугарија, за човекови права, за запирање на негирањето на македонското малцинство, запирање на систематската дискриминација, стигматизација, говор на омраза и маргинализација применети против него“, додаваат од ОМО Илинден Пирин.
Претседателот Стево Пендаровски неодамна во Скопје имаше средба со претставници од ОМО Илинден Пирин, што и ја предизивика реакцијата на Радев.