ОМИКРОН УШТЕ НЕ СЕ ОДОМАЌИНИ, А ИХУ Е НА ВРАТА Во Франција откриена нова мутација
Новата варијанта Б.1.640.2 досега има заразено 12 луѓе, кои живеат во југоисточна Франција. Првиот случај бил поврзан со лице што патувало во Камерун.
Француските научници открија потенцијално загрижувачка нова варијанта на коронавирусот која има 46 мутации.
Наречена ИХУ, новата варијанта Б.1.640.2 досега има заразено 12 луѓе, кои живеат во југоисточна Франција. Првиот случај бил поврзан со лице што патувало во Камерун, западна Африка, велат истражувачите. Тие велат дека откривањето на новата варијанта не мора да значи дека ќе се покаже подеднакво заразна како другите соеви, вклучувајќи го и омикрон.
Геномите биле добиени со напредно секвенционирање. Авторите на трудот тврдат дека лицето што било идентификувано со варијантата ИХУ било целосно вакцинирано. Лицето било позитивно на тестот за ковид по враќањето од тридневно патување во Камерун.
Авторите на истражувачкиот труд рекоа дека „последователното откривање… на три мутации во шилестиот ген при пребарувањето на варијантите… не соодветствува со моделот на варијантата делта, која ја има во скоро сите инфекции САРС-КоВ-2 во тоа време“.
Тврдејќи дека појавата на новата варијанта ја нагласува важноста на „геномскиот надзор“, авторите рекоа дека нивните набљудувања уште еднаш ја покажале „непредвидливоста на појавата на нови варијанти на САРС-КоВ-2“.
Во долгиот пост на Твитер, епидемиологот и соработник на Федерацијата на американските научници Ерик Феигл-Динг рече дека новата варијанта се следи за да се процени колку може да биде заразна или опасна.
– Постојано се откриваат голем број нови варијанти, но тоа не мора да значи дека ќе бидат поопасни. Она што ја прави една варијанта попозната и опасна е нејзината способност да се размножува поради бројот на мутациите што ги има во однос на оригиналниот вирус. Тогаш таа станува ‘загрижувачка варијанта’ – како омикрон, кој е позаразен и повеќе го избегнува минатиот имунитет. Останува да видиме во која категорија ќе се вброи оваа нова варијанта – вели Феигл-Динг.