ОМИКРОН Е ПОМАЛКУ ОПАСЕН ОД СОЈОТ ДЕЛТА Ова се првите податоци што ги сподели Фаучи
Извештаите од Јужна Африка, каде што се појави и станува доминантен вид, покажуваат дека стапката на хоспитализација не е алармантно зголемена.
Главниот советник на американскиот претседател за пандемијата, инфектологот д-р Ентони Фаучи, изјави денеска дека иако има брзo ширење на сојот омикрон на коронавирусот, првите индикации покажуваат дека тој е помалку опасен од делта сојот.
Фаучи за Си-Ен-Ен изјави дека на научниците им требаат повеќе информации пред да донесат заклучок за сериозноста на видот омикрон. Извештаите од Јужна Африка, каде што се појави и станува доминантен вид, покажуваат дека стапката на хоспитализација не е алармантно зголемена.
– Засега, се чини, дека нема висок степен на сериозност, но навистина треба да бидеме внимателни пред да заклучиме дека омикрон е помалку сериозен и не предизвикува тешка клиничка слика, во споредба со сојот делта – рече Фаучи.
Тој изјави дека администрацијата на Бајден размислува за укинување на ограничувањата за патување за патниците од неколку африкански земји кои не се американски државјани
-Да се надеваме дека ќе успееме да ја укинеме забраната во прилично разумен временски период – рече Фаучи, додавајќи дека сите се чувствуваат лошо поради тешкотиите со кои се соочуваат Јужна Африка и другите африкански земји.
Сојот омикрон до денеска е откриен во третина од американските држави, вклучувајќи го североисточниот, јужниот и западниот брег. Висконсин и Мисури се меѓу последните држави каде што се потврдени нови инфекции со соеви.
Во САД сѐ уште е доминантен сојот делта на коронавирусот, сочинувајќи ги повеќе од 99 отсто од случаите и предизвикувајќи зголемување на хоспитализациите на северот од земјата.
Американските власти продолжуваат да ги повикуваат луѓето да се вакцинираат и да добијат засилена доза, како и да носат маски во затворени простории бидејќи сето тоа придонесува за заштита од делта, но и од други соеви на коронавирусот.