ОКТА ВО ДОБИВКА ОД 7,9 МИЛИОНИ ЕВРА ПРЕД ОДАНОЧУВАЊЕ Компанијата ги објави финансиските резултати за девет месеци од 2025 година
Покрај финансиските остварувања, ОКТА продолжи да ја зајакнува и својата улога како општествено одговорна компанија, преку проширувањето на своите иницијативи за превенција на пожари, безбедност во сообраќајот и зголемување на јавната свест преку партнерства со клучни државни институции.
ОКТА ги објави финансиските резултати за деветте месеци од 2025 година, со ЕБИТДА од 513 милиони денари и добивка пред оданочување од 490 милиони денари (7,9 милиони евра). Иако засилената конкуренција влијаеше на извозната продажба, остварувањата беа поткрепени од намалениот негативен ефект од вреднувањето на залихите, зголемената продажба на електрична енергија и намалените оперативни трошоци, соопшти компанијата.
Приходите од продажба во првите девет месеци од 2025 година достигнаа 28.136 милиони денари, наспроти 34.359 милиони денари во истиот период минатата година. Бруто добивката се зголеми за 20% споредено со истиот период лани и достигна 971 милион денари.
Во третиот квартал од 2025 година, цените на суровата нафта се намалија во споредба со истиот период од претходната година, првенствено поради нарушената рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката како резултат на зголеменото производство, како од страна на производителите од ОПЕК+, така и од оние производители кои не се членки на ОПЕК. Инфлациските притисоци продолжија да влијаат врз производните и логистичките трошоци, додека регионалните конфликти и трговските нарушувања придонесоа за зголемена краткорочна нестабилност. Генерално, расположението на пазарот остана претпазливо, во услови на успорен економски раст во клучните потрошувачки региони.
Обемот на продажбата во третиот квартал од 2025 година изнесуваше 317 илјади м³, што е намалување од 4% на годишно ниво, додека пак извозот имаше удел од 32% во вкупната продажба.
Бруто добивката се зголеми за 68% споредено со истиот период лани, на 418 милиони денари.
Прилагодената ЕБИТДА достигна 260 милиони денари, што е раст од 6% споредено со истиот период минатата година, првенствено поради повисоките маржи на електричната енергија. Прокнижената ЕБИТДА зголемена за 179% на годишно ниво, одразува позитивно влијание од вреднувањето на залихите од 4,6 милиони денари во споредба со негативните 151 милион денари претходната година. Нето добивката се зголеми на 232 милиони денари во споредба со 32-те милиони денари во соодветниот период во 2024 година.
Во согласност со своите стратешки приоритети и посветеноста на иднина со пониски емисии на јаглерод диоксид, ОКТА, во овој период, инвестираше 32 милиони денари во проекти за обновлива енергија, истовремено поддржувајќи ги и своите еколошки цели и долгорочното создавање вредности.
Покрај финансиските остварувања, ОКТА продолжи да ја зајакнува и својата улога како општествено одговорна компанија, преку проширувањето на своите иницијативи за превенција на пожари, безбедност во сообраќајот и зголемување на јавната свест преку партнерства со клучни државни институции.
Компанијата го продлабочи и својот придонес кон развојот на културата преку поддржување на големи фестивали и кинематографијата, потврдувајќи ја својата посветеност на зачувувањето на културното наследство на Северна Македонија. Мотивацијата на младите останува нејзин стратешки фокус, поттикната од успешна реализација на Програмата за стипендии на ОКТА, подржувајќи ја следната генерација професионалци кои ќе ја обликуваат работната сила во земјата.
ОКТА останува посветена на одржување на својата лидерска позиција на пазарот, обезбедување и непречено снабдување на своите клиенти со висококвалитетни деривати, унапредување на иницијативите за автоматизација и ефикасност и поставување на силни темели за одржлив раст.
 
			