ОКТА СО РАСТ НА ДОБИВКАТА И ПОСИЛЕН ФОКУС НА ОДРЖЛИВОСТА Компанијата инвестира во обновливи извори и ја зголемува ефикасноста
И покрај падот на приходите и нестабилноста на нафтениот пазар, ОКТА забележа зголемена добивка, раст на домашната продажба и нови инвестиции во зелени технологии.
Во услови на турбулентни глобални нафтени пазари и зголемени геополитички тензии, македонската нафтена компанија ОКТА успеа да го одржи позитивниот тренд и да оствари значаен раст во добивката во вториот квартал од 2025 година.
Како што информираат од компанијата, добивката пред оданочување за периодот изнесува 236 милиони денари, што претставува раст од 107% споредено со истиот квартал од минатата година.
„Овој раст е резултат на агилна адаптација кон глобалните пазари, оптимизирани трошоци и посилен фокус на домашната продажба и енергетскиот трејдинг“, појаснуваат од ОКТА.
Иако обемот на продажба бележи пад од 3% на годишно ниво, достигнувајќи 294 илјади м³, тоа е, велат од компанијата, „претежно поради зголемената конкуренција од албански дистрибутери на косовскиот пазар“. Но истовремено, ЕБИТДА во вториот квартал е зголемена за 28%, а прилагодената ЕБИТДА достигна 167 милиони денари, што е раст од 14% споредено со истиот период лани.
Во првата половина од 2025 година, ОКТА оствари приход од 17.779 милиони денари, што е намалување од 21%, но истовремено постигна прилагодена ЕБИТДА од 305 милиони денари, што е зголемување од 19% на годишно ниво.
Компанијата го нагласува и значајниот придонес на зголемената трговија со електрична енергија и зголемените маржи на извозот.
Како дел од својата стратегија за одржлив развој, ОКТА инвестираше 12 милиони денари во проекти за обновливи извори на енергија, со цел намалување на јаглеродните емисии и транзиција кон почисти извори на енергија.
„Веруваме дека долгорочната стабилност на енергетскиот систем зависи од нашата способност да инвестираме во одржливи решенија“, велат од ОКТА.
Дополнително, компанијата спроведе две кампањи за безбедност на патиштата, во соработка со МВР и РСБСП, и донираше дрон за рано откривање пожари на ЈП Национални шуми. Според компанијата, „овие активности се дел од нашата општествена одговорност и вложувањата во јавната безбедност и заштита на животната средина“.
ОКТА продолжи и со поддршка на културни манифестации и млади таленти преку стипендии, пракси и внатрешни програми за развој на човечки ресурси.
Во услови на глобална нестабилност, компанијата нагласува дека останува фокусирана на обезбедување сигурно и непрекинато снабдување, со континуирано следење на ризиците и унапредување на оперативната ефикасност преку автоматизација и технолошки иновации.
„Преку иновации и адаптибилност, не само што обезбедуваме континуитет, туку и придонесуваме за поширок општествен напредок“, изјавуваат од ОКТА.