ОКТА СО ГОЛЕМА ЕКО-МИСИЈА ВО „ЈАСЕН“ Вработените засадија 500 садници по летните пожари

ОКТА засади 500 нови садници во „Јасен“ како дел од проект за обновување по летните пожари, најавувајќи нови еко-иницијативи и донации до крајот на годината.

14

ОКТА се приклучи на мисијата за обновување на уништените шумски површини во Националниот резерват „Јасен“ преку голема еко-акција, во рамки на која вработените засадија околу 500 нови садници.

Со оваа активност, реализирана преку проектот „Grizzly Reforestation 2025“, компанијата директно придонесе за пошумување на деловите зафатени од катастрофалните пожари што летово го опустошија подрачјето.

Целта на акцијата е долгорочно обновување на деградираните површини и поттикнување на опоравување на еко-системот во резерватот. Од ОКТА објаснуваат дека иницијативата е дел од нивната стратешка определба за заштита на животната средина и одговорно управување со природните ресурси.

Маркетинг и ПР координаторката на ОКТА, Јулија Цветковска, изјави дека компанијата преку ваквите ангажмани создава реални придобивки за граѓаните.

– Голема благодарност до нашиот неверојатен тим за успешната реализација на оваа иницијатива. Обновувањето на шумите е повеќе од садење дрвја, тоа значи обновување на надежта за идните генерации. Овој проект докажува дека компаниите имаат моќ да предводат вистински промени кога се водени од одговорност и солидарност. Горди сме што поддржуваме иницијативи кои создаваат позелена и поодржлива иднина, затоа ги повикувам сите да ни се придружат во остварувањето на таа визија – нагласи Цветковска.

ОКТА годинава веќе реализираше повеќе активности поврзани со заштита на шумите. Во мај компанијата донираше дрон со напредна технологија за рана детекција на пожари на ЈП „Национални шуми“. Оваа опрема го подобрува мониторингот и овозможува брза реакција на надлежните служби во критичните региони, што значително придонесува за заштита на шумските ресурси и безбедноста на теренските екипи.

Генералниот директор на ОКТА, Димитриос Пасхос, нагласи дека компанијата останува посветена на поддршка на заедницата и заштита на природата.

– Овие иницијативи ја потврдуваат стратешката определба на ОКТА да биде доверлив партнер на заедницата и активен фактор во заштитата на животната средина. Со оваа акција ја потврдуваме нашата визија дека економскиот развој мора да оди рака под рака со еколошка одржливост. Во оваа прилика најавуваме дека до крајот на годината планираме уште неколку општествено одговорни активности. ОКТА повторно ќе донира фотоволтаични кровни системи во неколку институции и организации, со цел да придонесеме за подобрување на енергетската ефикасност таму каде што е најпотребно – изјави Пасхос.

Во текот на септември, компанијата активно учествуваше во гаснењето на големиот пожар на депонијата во Трубарево, со ангажирање на сопствено противпожарно возило и донација на хемиска пена, која беше од клучно значење за справување со пламените јазици во пластичниот и електронскиот отпад. Минатата година ОКТА ја опреми противпожарната единица во Свети Николе со специјализирана опрема за гаснење пожари во непристапни терени.

Претходно, компанијата инвестираше и во првиот центар за обука за гаснење пожари од нафтени деривати во земјата, објект што овозможува реални вежби и сценарија под строго контролирани услови, како за противпожарните тимови на ОКТА, така и за државните институции.

Акцијата за пошумување се смета за значаен завршеток на година исполнета со активности од еден од клучните столбови на „CSR“ стратегијата на компанијата: превенција од пожари и едукација.

Поврзани содржини