Округло па на ќоше: Штип ќе го награди математичарот, а МОН ќе го преоцени
Министерството образложи дека постапило согласно законите за основно и средно образование, според кои на ученичките натпревари за средно образование не можат да учествуваат основци.
Општина Штип ќе го награди основецот Дамјан Давков со 15.000 денари и признание за почесен граѓанин на општината, а Министерството за образование и наука (МОН) ќе го преиспита целиот случај околу постапката за доделување парична награда за ученикот и наставникот ментор, но и начинот на кој е организиран натпреварот од страна на здружението на наставници кое има акредитација за организирање на натпревари по математика.
Ова е одговорот на реакциите во јавноста по информацијата дека ученикот Дамјан Давков од Штип и неговиот наставник-ментор Кокан Радев се одбиени од МОН за доделување парична награда по основ на освоено прво место на државен ученички натпревар.
Министерството образложи дека постапило согласно законите за основно и средно образование, според кои на ученичките натпревари за средно образование не можат да учествуваат основци.
Ученикот од основното училиште „Ванчо Прке“ од Штип, учествувал на натпревар за ученици од средни училишта, што не е во согласност со правните прописи кои ја регулираат оваа тематика. Комисијата за доделување парична награда за освоено прво место на државен натпревар, постапила согласно одредбите од законите и правилниците и ученикот и неговиот ментор се одбиени за стекнување на паричната награда, објаснува МОН.