ОКОЛУ 70% ОД ЗАПЛЕНЕТАТА МАРИХУАНА СЕ НА ФИРМА БЛИСКА ДО ЗАЕВ Зошто Филипче итно се упатил во Грција, прашува Петрушевски
Медицинската марихуана била само параван за организиран криминал и за нелегална трговија со дрога. Околу 30 тони или околу 70% од запленетата марихуана е од фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, блиска и поврзана со Заев, Филипче и СДСМ, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ
– Основач на оваа компанија е Христијан Котев, син на Тони Котев, познат по прекарот М’гчев, човек близок до Зоран Заев и поранешен претседател на општинскиот одбор на СДСМ во Ново Село, а лиценцата ја добил во времето на Заев и Филипче. Сите знаат како во време на власт на СДСМ, Заев и Филипче, се ваделе лиценци за производство на канабис за медицински цели. Најважниот услов кој требало заинтересираните да го исполнат е да бидат блиски на СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче – вели Петрушевски.
Според него, дека е тоа така може да се заклучи од, како што вели, паничните реакции на Заев и Филипче, каде што едниот се јавува со нејасна реакција на социјалните мрежи, а според сознанијата се интересирал и лично се јавувал за петте запленети тони марихуана, додека Филипче во паника се упатил кон јужната граница.
– Дали ова шетање на Филипче во Грција е само по барање на Заев? Дали имале средба и што било разговарано на истата? Сите овие индиции и меѓусебни поврзаности на Заев и Филипче со шверцот на медицинската марихуана, Јавното обвинителство мора да ги истражи. Колку и да има таму лица под контрола на СДС, Заев и Филипче, мора да се издигнат, да се надминат себеси, да постапат согласно закон и да го истражат целиот случај. Како се издавале лиценците, кој сѐ произведувал марихуана и зошто таа наместо за медицински цели, гледаме дека завршувала на црниот пазар – рече Петрушевски и побара Јавното обвинителство да го истражи сето тоа.