Џокејот и коњите

Кој ќе оди курбан - не е важно. Ништо нема да се промени. Намалена е довербата на НАТО во нашите безбедоносни структури. Ние сме безбедоносно инфериорни дипломатски соговорници. Во организационата структура на нашето МНР оваа област е занемарена, затоа имаме случаи на безбедносни компромитации.

1,564

Остап Бендер, алијас  Олександар Онишченко, ненадејно се појави во Северна Република Македонија, да си го подигне толку бараниот  македонски пасош. Со себе не ги доведе и коњите, верувајќи дека кај нас има достатoчно добри коњи за унапредување на коњичкиот спорт. Ако треба, од неговата ергела можеме и да рентираме коњ.

Македонскиот пасош стана ценет. Тоа го намирисаа и белосветските измамници. Но, неговата цел не беше измамнички собирање на пари за неговиот пат во Латинска Америка, како во романот на руските писатели Иљф и Петров, „Златно теле“. Целта секако им е позната на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнување, клучните институции за проверка за давање на државјанства и патни исправи.






Владата, на затворена седница, пред два дена, донесе одлука за одземање на државјанството и на македонскит пасош на разузнзвачот Онишченко. Пред половина година, пак, на отворена седница, му го додели, со претходна согласност на наште  релевантни безбедоносни структури. Со тоа се чини дека аферата е завршена по скратената постапка, со европско знаменце. Последиците – не се.

Меѓународното искуство на Абази може да биде од помош

Вистинскиот Остап Бендер, односно прототипот на јунакот  на руските писатели, живеел во Одеса  под името Осип Шор, за кого и ден денес има многу паметници во цела Украина. Сегашниот негов клон, џокејот Онишченко, го бараат за да му направат портрет за склуптурата, која потоа во бронза ќе беше излиена и поставена можеби и кај нас, доколку 53-годишниот Узбекистанец нѐ претставуваше  на  Олимпијада што ќе се одржи во Париз во 2024 година.

Сега ќе го прескокнам – во манирот на скокачот (show jumping rider) Онишченко – делот кој се однесува на неговата спортска кариера и на нашето досегашно учество на олимпијадите (од 1992 година), за да го анализирам последниот политичко-безбедносен скандал предизвикан со издавање македонски пасош  на универзалниот скакач во повеќе дисциплини.

Било како било, олигархот, филантропот и олимпиец Онишченко ги прескокна сите административни пречки на патот до македонскиот пасош. Коњичката федерација на РСМ имала најдобри намери, кога предложила да се зголеми бројот на наши учесници на следните Олимписки игри. На нив секако им била позната спортската кариера на Онишченко, а веќе кај нас постоела практика истакнати спортисти од странство да добиваат македонско државјанство да  ги бранат боите на РСМ.

Разузнавачот и олигарх Онишченко имал „филантропски“ мотиви, кои нашите споменати безбедоносни структури (познати и како тајни служби) требало да ги „дијагностицираат“ преку соодветните познати методи. Државјанство му е издадено пред повеќе од половина година, а аферата можеби никогаш не би била обелоденета, да не постоел  непознат разузнавачки инсајдер, кого обично истражувачките новинари го  користат како извор на информации. Објавувањето на аферата коинцидира и со претстојниот избор на нов директор на АНБ, позиција атрактивна за секоја влада и која традицонално ја раководи личност на највлијателна коалициска партија, во сегашната ситуација реформираните екологисти. Секако, кандидати има и во најголемата коалициска партија.

Било каков епилог за инволвираноста на модерниот Остап Бендер во најмладата држава членка на НАТО, голема штета е што при утврдувањето на пропустите направени во процедурата за добивање државјанство на Онишченко, не може да  помогне и новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Ислам Абази, со своето познато меѓународно искуство и високиот рејтинг во нашето правосудство, што било клучен момент при неговиот избор.

Чувствителен момент

Нашите безбедонсни структури имале доволно време детално да ги преземат сите потребни мерки за проверка, а за тоа располагаат и со соодветни алатки и со логистичка помош од своите странски партнери. Протераниот Украинец, човек на црната листа на  САД, своевремено близок до прорускиот украински претседател Јанукович, човек безбедносно и воено едуциран во соодветните структури во Русија, со руска патна исправа, секако е човек кој не игра само на една карта, односно не е поврзан  само со една странска безбедоносна служба. Лесно се протнал кај нас и добил државјанство, секако не поради своето филантропство, односно поради желбата да и помогне на РСМ во нејзината спортска афирмација.

Аферата „Онишченко“ дојде во многу чувствителен момент. Скринингот кој е сеопфатен и е во тек е круцијален доказ дека веќе преговараме со ЕУ. Владата бара спас во прием на нови партии во коалицијата, за да се осигура мнозинство во парламентот за  претстојното гласање за дополнување на  преамбулата на Уставот, со вметнување и на Бугарите, што е услов за отпочнување на преговорите со ЕУ. Тука се и постојано барање предвремени избори, кои нема ништо суштински  да променат, економската и социјалната беда, цветањето на корупцијата и колапсот на правосудтвото.

Се забележува и зголеменото ангажирање на американската администрација во скротувањето на политичките  јастреби во Приштина и во Белград, посебно одкако амбасадорот Хил се врати како амбасадор во Белград, а претходно ја вршел таа функција во Скопје и во Тирана, бил и специјален пратеник на САД за Косово во клучниот период 1998-1999, елитен дипломат. Поради овој факт, многу е значајно кој ќе биде наш иден амбасадор во Белград, човек од доверба со кого искусниот преговарач, амбасадорот Хил, би имал достоен соговорник. Се разбира дека  американските амбасадори од Калето од висина ги следат настаните во РСМ, во последно време посебно и во оние партии во чии одаи со години се вее американското знаме.

Расплетување на аферата „Онишченко“ започна неславно во нашиот т.н. парламент, со јутјуб- афера, поради што спикерот Џафери ја прекина расправата до пронаоѓањето на организаторот на кибер-нападот, со цел таков пропуст (јавен пренос) повеќе да не се повтори. Владата тоа не можеше да го чека, па шефот на АНБ на затворена седница информираше за спроведената процедура и за пропустите направени со доделувањето на државјанство на Онишченко, по што владата заклучила дека му се одзема државјанството и пасошот на Украинецот со узбекистанко потекло.

Епилогот за безбедносните пропусти на народот не му се важни. Тој на тоа веќе е навикнат. Кој ќе оди курбан – и тоа не е важно. Ништо нема да се промени. Намалена е довербата на НАТО во нашите безбедоносни структури, поради што помошникот Генерален секретар на НАТО, задолжен за  безбедност и разузнавање, побрза да не посети со јасни пораки, што ние, пак, го разбравме како потврда на нашиот партнерски однос со НАТО.

Што ни порача помошникот генсек на ОН за безбедност?

Дали Остап Бендер ќе јаваше за РСМ на Олимпијадата во Париз и со кој  коњ – и тоа не е важно. И медалот не е важен. Важно е само да се учествува. Од 1992 година, од кога нашите спортисти настапуват под нашето знаме, сме освоиле само два медала, една од борачот од Дагестан. Праксата на ангажирање странски спортисти и давање државјанство не е некоја новина, доколку се почитува процедурата.

Не е новина и поранешни припадници на безбедоносните структури да станат високо рангирани дипломати, а потоа да се вратат во својата поранешна структура. Такви личности сум среќавал во значајни европски дипломатски метрополи. Ваква практика е корисна, доколку  се користи институционално. Некои наши соседни држави речиси редовно испраќаа амбасадори кај нас од безбедоносните структури. И ние ја користивме таа можност. Таквите личности имат двостран професионализам, како истакнати дипломати и како искусни разузнавачи, што само им овозможува нивните проценки да бидат валидни и сеопфатни. Со тоа поради нивните широки хоризонти на ангажираност, расте и нивната одговорност во раководењето на институциите.

Во таа смисла би требало  да постои и институализирана соработка со Министерството за надворешни работи. Откако сме  членка на НАТО, прашањето на соработка во областа на безбедноста и разузнавањето доби на значење. Главната НАТО квартира во Брисел е посебно заинтересирана  за таа соработка.

Не случајно деновиве во посета  на РСМ дојде и помошникот Генерален секретар на НАТО, Дејвид Катлер, непосредно после откривањето на аферата „Онишченко“. Тој имаше средба и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, не без причина. Високиот функционер на  НАТО имал што да ѝ порача на нашата страна. Впрочем, во делегацијата на нашата држава при НАТО во Брисел, покрај останатите, има и наши дипломати. Тука доаѓаме до врската меѓу дипломатијата и безбедоноста на државата, во контекст на ангажирање на џокејот од Ростов на Дон, како помош во развојот на запоставениот ни коњички спорт.

Безбедносно инфериорна дипломатија

Безбедноста на државата е и значаен дел на ангажирањето на нашите дипломатско-конзуларни претставништва во светот, а безбедносна култура на нашите дипломати во државата им овозможува полесно справување со дипломатските ајкули кои се соговорници на нашите дипломати, не само во странство, туку и овде. Ние сме безбедоносно инфериорни дипломатски соговорници. Во организационата структура на нашето МНР оваа област е занемарена, па имавме случаи на компромитзции (во Австралија, во Ерменија, исчезнувањето на поранешниот државен секретар и потоа амбасадор во Полска).

И аферата „Онишченко“ ќе нанесе штета не само на нашиот рејтинг во НАТО, туку и пошироко. Нашите проверки на контраверзниот олигарх требало да ги опфатат и нашите ДКП-а, посебно во Киев, Берлин, Москва,Вашингтон и во Мадрид, центри во кои претстојувал Онишченко во својата остабендеровска авантура. Можеби со тоа би им помогнале на АНБ, па и на Агенцијата за разузнавање, како и на Владата, да донесе одлука за (не)доделување на македонско државјанство на џокејот. Се разбира, за такви информации треба да имаме обучени дипломати, при што рејтингот на амбасадорот во државата на приемот е пресуден.

Едноставно, во таа насока нашата дипломатија не размислува. Е сега веќе мора. Нѐ примија во НАТО и се радуваме и на приемот во ЕУ, која има не само усогласена надворешна политика, туку и безбедоносна.

Некој морал да научи дека вистинското име на најновиот странец кој добил македонско државанство е Олександар Раџхабович Кадиров. Со новото презиме, типично Украинско, Онишченко покажал испробан идентитетски марифетлук. Роден е во областа во која преовладува руското население, во близина на Азовското Море, некогашна територија на Хазарите  и територија  која и на Евреите не им е непозната. Хазарите одамна исчезнале. Се претопијлеа нивната ДНК длабоко е присутна и во сегашните народи околу Азовското Море.

Дали и македонскиот пасош ќе исчезне од цврстите раце на пензионираниот џокеј?

Она што не смееше да исчезне е нашата безбедоносна будност, како гарант на наша независност. Безбедоносните структури треба да бидат и официјално деполитизирани. Тоа е тешко. Но мора, бидејќи безбедноста е од заеднички интерес на сите граѓани на оваа безбедносно ранлива држава.

Поврзани содржини