Охрид трие раце, сезоната ветува
Гости има насекаде, низ Чаршијата, на Кејот на езерото, а полни беа и терасите на кафулињата и рестораните, секаде онаму каде што дозволуваат актуелните рестриктивни мерки.
Продолжениот празничен викенд, заедно со убавото време, но и подобрената епидемиолошка состојба придонесоа за солидна посетеност на Охрид и туристичките населби на Охридското Езеро.
Гости има насекаде, низ Чаршијата, на Кејот на езерото, а полни беа и терасите на кафулињата и рестораните, секаде онаму каде што дозволуваат актуелните рестриктивни мерки.
Најголем дел од гостите се домашни, пред сѐ, оние што имаат свои станови и викенд-куќи, но има и странски туристи.
Посетеноста е задоволителна со оглед на тоа дека не е сѐ уште почната главната летна сезона, но сепак е далеку од онаа што беше пред епидемијата.
Хотелските капацитети се исполнети до 30 проценти, додека летни аранжмани закупени однапред засега нема. Така ќе биде главно и во шпицот на сезоната, со оглед на отсуството гаранции за тоа како ќе биде ситуацијата со коронавирусот.
Хотелите најавија и поволни цени за сместување, особено оние со три и со четири ѕвездички, како и посебни попусти за туристите од Србија.
Во втората половина на јуни се очекува да допатуваат и првите организирани групи туристи, најмногу од Полска, Турција, но и од Русија, Романија и Украина.
Угостителите најавуваат дека ќе ги задржат цените од пред почетокот на пандемијата. Тие сметаат дека секое придвижување на луѓе влева оптимизам за какво-такво подобрување на состојбите во секторот.
Македонија како дестинација во моментов е отворена за сите туристи, без какви било рестрикции или барања за ПЦР тестови. Една од мерките за привлекување што повеќе туристи се и планираните 50.000 бесплатни тестови за ковид-19 за туристи на кои им е потребен негативен тест за враќање дома.
Од претстојната летна туристичка сезона се очекува да се реализираат повеќе од два милиони ноќевања и промет до 300 милиони долари.