Охриѓани крстот го фрлаа во казан, а во Скопје се служи Златоустова литургија

434

Охриѓани не се откажаа од традицијата за Водици и покрај пандемијата. Крстот во населбата Варош се фрлаше во казан, а среќникот што го фати влезе во езеротo, а по него и други верници, јавува Охрид прес.

Во Скопје, поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г.г. Стефан по повод празникот служеше Златоустова литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“.






– Светата црква секоја година речиси повеќе од два милиениума преку сите содржини, и богослужбени и обичајни не навраќа на смислата на тој спасоносен настан на крштевањето Христово и моментот кога се покажала целата света Троица . Денешниот празник Богојавление всушност ги објаснува сите други празници и сите други настани, ни ја објаснува целта на Хритовото доаѓање како син божји како вистински богочовек, тајната на кршевањето, но и на покајанието и на исповетта – рече г.г.Стефан, поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Меѓу нас, истакна г.г. Стефан, многу слабо или воопшто не се практикува покајанието или исповетта, а во светата црква тоа е една од седумте свети таинства, но при покајанието, при исповетта не е доволно да кажеме дека сме грешеле, дека грешиме и дека се каеме. Потребно е, вели, гревот да не го повторуваме, и да се трудиме што помалку да грешиме. Но очигледно е недоволното познавање на верата.

– Ако знаеме што учи нашата света вера и помалку ќе грешиме, а ако грешиме ќе знаеме и да се покаеме. Еве од каде и да тргнеме, од семејството, од соседството, од работно место, од меѓупартиското живеење од секаде и насекаде се гледа што е поголемо во нас – љубовта или омразата, верата или неверието, слогата или неслогата, вистината или невистината, подготвеноста или неподготвеноста да си простиме и да се помириме или не. Дури и на непријатели и на подалечни ќе им простиме и ќе им подадеме рака, што е и добро, но на блискиот, на братот свој не можеме да му простиме. Е тука навистина има место за загриженост и, секако, потреба да се сфати и местото и улогата на покајанието, а со тоа и на исповетта кои се неодвоиви од практиката на вистинскиот христијански живот. Како црква и духовни пастири должни сме постојано да повикуваме кон покајание, кон исповед и кон помирување, зашто кој не може да се помири најпрвин со себе си и со братот свој, како ќе се помири со Бога – рече поглаварот г.г. Стефан, кој по завршувањето на литургијата го изврши осветувањето на водата во црквата.

Поврзани содржини