🎥 ОГНЕНАТА ЛИНИЈА НА ПОЖАРОТ ВО МАРИОВО Е ДОЛГА 20 КИЛОМЕТРИ Пожарникарите го бранат селото Крушевица

Пожарот во прилепскиот дел на Мариово, кој синоќа зафати делови од селото Чаниште, повторно се активирал денеска околу пладне поради засилен ветер и се заканува на селото Крушевица, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

1

Пожарот во Мариово повторно гори, а огнената линија е долга околу 20 километри.

Пожарот во прилепскиот дел на Мариово, кој синоќа зафати делови од селото Чаниште, повторно се активирал денеска околу пладне поради засилен ветер, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Огнената линија се протега на околу 20 километри, од течението на Црна Река до врвот Маргаро.






На терен се прилепските пожарникари, тимови на ДЗС составени од доброволци од Битола, а дополнително се ангажирани и доброволци од Кочани и од Виница. Главна задача во текот на ноќта, како што посочи Ангелов, е заштитата на селото Крушевица, кое се наоѓа на неколку километри од местото на пожарот.

– Ќе имаме тешка ноќ, треба да го одбраниме селото Крушевица – рече Ангелов.

Работата ја отежнуваат високата сува трева и ветерот кој постојано дува.

Во гаснењето денеска беа ангажирани и „ер тракторите“ на ДЗС, кои успеале да прекинат дел од огнената линија и значително да го намалат делот што го загрозува блискиот манастир и селото.

Ангелов рече дека овој пожар во моментов е најголем во Македонија. Тој информираше и за состојбата на другите критични места, додавајќи дека пожарот на подрачјето на Старо Нагоричани е ставен под контрола, додека кај село Слеп останале само остатоци од огнот.

Во врска со последиците од пожарот во Чаниште, Ангелов рече дека куќите што изгореле синоќа биле одамна напуштени.

– Не изгоре ниту една куќа во која што активно живеат луѓе – рече тој.

Додаде дека десетината жители на селото се вратиле во своите домови по стресот што го преживеале.

 

 

Поврзани содржини