ОДЗИВОТ ДО 9 ЧАСОТ Е 2,88 ОТСТО Гласањето тече во најдобар ред
Државната изборна комисија денеска ќе посети определени избирачки места и општински изборни комисии по сопствена проценка и без претходна најава, со цел да го набљудува текот на изборите, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Одѕивот на вториот круг од локалните избори до 9 часот е 2,88 отсто, а гласале 22.379 граѓани, објави претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. На ниво на Град Скопје одѕивот за избр на градоначалник е 2,46 отсто.
– Гласачките места се навреме и уредно отворени, гласањето тече во најдобар ред. Постапката се одвива уредно, немаме никаков проблем досега со изборниот материјал, ниту со постапувањето на избирачките одбори – рече Кондарко на прес-конференција.
Тој соопшти дека единствено во Дојран на избирачкото место 0385 поради технички пробеми со смарт картицата на уред за биометриска идентификација имало мал застој, но проблемот е решен и гласањето тече непрекинато.
Кондарко најави дека во текот на денов ДИК ќе посети определени избирачки места и општински изборни комисии по сопствена проценка и без претходна најава, со цел да го набљудува текот на изборите. И по 19 часот тимови на ДИК ненајавено ќе бидат на определени места каде ќе го набљудуваат и броењето на гласовите, со цел поголема транспарентност и увид во работата.
Останува препораката на ДИК дека на процесот на броење може да биде присутен целокупниот состав на избирачкиот одбор.
– ДИК и во текот на денов е во постојана комуникација со Комисијата за следење на изборниот процес од Јавното обвиителство, од превентивни причини и ако има каква било потреба уште во текот на гласањето или броењето ќе ја известуваат. ДИК ќе го достави и доверливиот изборен материјал доколку се јави потреба – рече Кондарко.
Во вториот круг на локалните избори денеска се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје на 1.771 избирачки места. До 19 часот правото на глас можат да го искористат 1.013.375 гласачи, меѓу кои и 474.304 избирачи во Градот Скопје.
Следната прес-конференија на ДИК е во 11.30 часот. Првичните неофицијални резултати ќе бидат објавени по 20 часот, а ококу 23 часот ДИК ќе одржи прес-конференција