ОДОБРЕНА ПИЛУЛА ПРОТИВ КОВИД Британците први во светот ќе користат апчиња
Британскиот здравствен регулатор MHRA соопшти дека лекот е безбеден и ефикасен за намалување на ризикот од хоспитализација и смрт кај луѓе со благи до умерени симптоми на ковид, кои се изложени на зголемен ризик од вирусот.
Велика Британија стана првата земја во светот која може да користи пилула против ковид, откако тамошните здравствени власти го одобрија овој лек за домашна употреба, објави „Дејли мејл“.
Британските меиуми пишуваат дека пилулата е наменета за луѓе кои биле позитивни на коронавирусот и имаат барем еден фактор на ризик за развој на сериозна болест, како што се дебелина, возраст над 60 години, дијабетес или срцеви заболувања.
Британскиот здравствен регулатор MHRA соопшти дека лекот е безбеден и ефикасен за намалување на ризикот од хоспитализација и смрт кај луѓе со благи до умерени симптоми на ковид, кои се изложени на зголемен ризик од вирусот.
Пилулата, која ќе се продава под името „Лагеврио“, ќе им се дава на луѓето два пати неделно по позитивен тест за ковид. Лекот делува така што го спречува реплицирањето на вирусот и на тој начин ја намалува сериозноста на инфекцијата. MHRA укажува дека лекот треба да се земе што е можно поскоро по позитивен тест во првите пет дена.
Британскиот министер за здравство Саџид Џавид изјави дека овој третман „ја менува ситуацијата“ за најзагрозените слоеви од населението, кои се изложени на ризик од ковид дури и со вакцината.
– Денес е историски ден за нашата земја, бидејќи Британија сега е првата земја во светот која одобри антивирусен лек против ковид кој може да се зема дома. Ова ќе ја промени ситуацијата за најзагрозените, кои наскоро ќе можат да добијат револуционерен третман – рече Џавид, додавајќи дека се работи на план за дистрибуција на „молнупиравир“ на пациентите преку национална студија.