Одлучено е кој во Македонија ќе може да ја прими вакцината „АстраЗенека“

Во тек е вакцинацијата со оваа вакцина на лицата постари од 77 години бидејќи кај оваа возрасна категорија граѓани не се забележани негативни ефекти од „АстраЗенека“

1,550

Министерот за здравство, Венко Филипче информираше дека е донесена одлука вакцината „АстраЗенека“ да не се дава на лица помлади од 60 години во нашата земја.

– Донесовме став вакцината на „АстраЗенека“ да не се дава на помлади лица од 60 години во нашата земја. Нема препораки за претпазливост по однос на оние кои веќе ја примиле во Србија, а за ревакцинацијата за оние кои веќе се вакцинирани со оваа вакцина нема став. Ќе ги пратиме насоките и ќе донесеме став во следниот период – истакна министерот Венко Филипче.






За можноста лицата кои се вакцинирани со „АстраЗенека“ и нивната ревакцинација со вакцината „Спутник V“, Филипче вели дека ќе ги чекаат препораките од ЕМА.

– Германија донесе одлука по првата доза со „АстраЗенека“ да се прими друга вакцина. Ние ќе ги обезбедиме сите соодветни количини, па согласно препораките така и ќе реагираме – вели министерот.

Во тек е вакцинацијата со оваа вакцина на лицата постари од 77 години бидејќи кај оваа возрасна категорија граѓани не се забележани негативни ефекти од „АстраЗенека“.

Министерот Филипче одговарајќи дали има ризик да „увеземе“ бразилски сој на ковид-19, рече дека не може светот да живее со затворени граници, затоа што најголем проблем е локалната трансмисија, и нема потреба за воведување на карантин за оние кои доаѓаат од странство.

Според Филипче, најважно е да се придржуваме до превентивните мерки.

Ланскиот втор бран, потсети, беше резултат на еден сој кој беше типичен за нашето поднебје и беше поприсутен од почетокот на ноември.

– Минатата година не беше увезен ниаков сој на вирус, а повторно имавме силен бран како што имаме сега. Затоа е битно, без разлика на сите форми и соеви на вирусот, да се придржуваме до превентивните мерки зашто тие се универзални и важат како превенција за кој било тип на вирус – истакна министерот.

Поврзани содржини