ОДБЕЛЕЖАНА ГОДИШНИНАТА ОД УБИСТВОТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ Кој сѐ се поклони пред саркофагот на великанот

Пред саркофагот на великанот се поклонија и му оддадоа почит и делегациите на Собранието, на Министерството за одбрана, на Армијата, на Сојузот на борците, на Македонската академија на науките и уметностите, на Град Скопје, на политичките партии, на дипломатскиот кор, како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев. 

147

Со панихида на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија со која чиночествуваше архиепископот Г.Г. Стефан во Скопје почна одбележувањето на 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев.

Цвеќе на неговото вечно почивалиште положија претседателот на државата Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, собраниска делегација предводена од потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и бројни други делегации.






Претседателот на Македонија Стево Пендаровски положи цвеќе на гробот во црквата Свети Спас, при што истакна дека Делчев е една од најзначајните личности во историјата на Македонија.

– Почит за македонскиот револуционер Гоце Делчев. Визионер, идеолог и предводник на македонското националноослободително дело од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Една од нашите најзначајни историски личности. Слава му“! – рече Пендаровски.

„Денешниот датум, 4 мај, останува врежан во историјата како поука дека силата и иднината се во единството. Поука на која нѐ потсетува нашиот визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело, Гоце Делчев. Идеалите на Делчев, кој пред повеќе од еден век го разбрал светот како поле за културен напредок меѓу народите, се патоказ за низата генерации македонски револуционери кои се вградени во македонската државност. Тие се и наш патоказ, како прогресивна Влада, којашто посветено работи на изградбата на Северна Македонија во еднакво општество за сите и европски дом за сите граѓани, интегрирани меѓу најдемократските сојузи НАТО и ЕУ, пишува премиерот Ковачевски на фејсбук.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на 120 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев рече дека неговото дело е посилно од секој удар, од секоја поделба. Идеалите на Делчев се живи, и тој столетен оган за слобода, независност и држава продолжува да пламти.

– Денес многумина ќе се присетат, но малкумина јавно ќе го постават прашањето дали државата го продолжува неговото дело…Со власт која има целосно отсуство на родољубие и како никогаш порано со толку многу разнишани темели. Но која било сервилност на власта е помала од големината на неговиот завет. Поклон за великанот, неговата борба за нашата слобода, и неговото дело за ВМРО и Македонија. И да, заедно ќе успееме да ја оправдаме неговата борба. Вечен да е споменот за Гоце Делчев. Да живее Македонија! – вели Мицкоски.

Владина делегација составена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова и заменик министерот за образование и наука Агим Нухиу со положување цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас” во Скопје, ја одбележа 120 годишнината од загинувањето на идеологот и синонимот за народна борба за слобода.

Пред саркофагот на великанот се поклонија и му оддадоа почит и делегациите на Собранието, на Министерството за одбрана, на Армијата, на Сојузот на борците, на Македонската академија на науките и уметностите, на Град Скопје, на политичките партии, на дипломатскиот кор, како и други почитувачи на делото на Гоце Делчев.

Исто така, во Собранието денеска напладне ќе биде доделена наградата „Гоце Делчев“ за 2023 година за особено значајни остварувања од интерес за Република Северна Македонија во областа на науката.

Според Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“, годинашни добитници на престижната државна награда се проф. д-р Нано Ружин за делото „Балкански иконографии“, проф. д-р Трифче Сандев и д-р Александар Иомин за делото „Специјални функции на фракционо сметање: Апликации на дифузија и случајно пребарување“ и д-р Александар Василевски за делото „Поствизантиски претстави на Страшниот суд од Република Северна Македонија – идејна основа, ликовни извори и иконографска анализа.

државната награда „Гоце Делчев“

Истовремено, во чест на учителската дејност, визија и мисија на учителот Гоце Делчев, а по повод 120 години од неговата смрт, на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ Штип ќе биде отворено историско катче во рамки на факултетот.

Поради одбележувањето на 120-годишнината од смртта на Годе Делчев, МВР од вчера воведе посебен сообраќан режим, информирајќи дека затворена за сообраќај ќе биде улицата „Самоилова“.

Револуционерот Делчев на денешен ден во 1903 бил убиен од османлиската војска во селото Баница, на пат кон Сер. Визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола. Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.

По убиството во 1903-та, неговите посмртни останки се чувале во Баница, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти, а потоа во Софија. До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11 октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

За разлика од 4-ти февруари годинава, кога на чествувањето на роденденот на Гоце Делчев пристигна официјална делегација од Софија, сега такво нешто не е најавено. На прес-конференција во Софија, на 27 април годинава, в.д. министерот за надворешни работи на Бугарија Николај Милков, рече дека не е постигнат договор со Република Северна Македонија за заедничко одбележување на смртта на Делчев на 4 мај, иако имало такви договори и практики во претходните години.

Поради одбележувањето на 120-годишнината од смртта на Годе Делчев, од вчера во Скопје е воведен посебен сообраќан режим.

Поврзани содржини