ОДАТ ЛИ МУЗЕЈ НА УЧК И СОЖИВОТ ПОД ЕДНА МИШКА? „Приоритетите“ на Арачиново отвораат болни прашања
Најавата дека ќе се гради музеј на УЧК во Арачиново покажува дека за брзо време се ближат избори и дека предизборната реторика ќе се сведува на национализам, коментираат политичките аналитичари.
Основата на најавената изградба на музеј во чест на УЧК во Арачиново и на веќе изградената кула во чест на УЧК во Липково е – класична предизборна провокација.
Вака аналитичарите со коишто разговаравме го коментираат ветувањето што го даде арачиновскиот градоначалник Ридван Ибрахими за тоа дека среде Арачиново наскоро ќе никне музеј во чест на паднатите борци на УЧК за време на конфликтот во 2001 година.
Наместо да градат заедничка држава и соживот врз темелите на антифашистичката борба во која се бореле и Албанците и Македонците од иста страна, посочуваат нашите соговорници, албанските партии во земјава упорно го рехабилитираат бализмот.
Изградбата на музејот на УЧК во Арачиново, порачуваат аналитичарите, е само знак дека влегуваме во предизборна година.
Инаку, градоначалникот на Општина Арачиново, Ридван Ибрахими, рече дека едно од неисполнетите ветувања е изградбата на Музејот на УЧК во Арачиново, но како што истакна, сѐ уште не е избрана локацијата каде што ќе се гради музејот.
АРАЧИНОВО ЌЕ ГРАДИ МУЗЕЈ НА УЧК За градоначалникот Ибрахими тоа е приоритет
На ниво на ИСИС
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски во разговор за Плусинфо вели дека најавата дека ќе се гради музеј на УЧК во Арачиново покажува дека за брзо време се ближат избори и дека предизборната реторика ќе се сведува на национализам.
Луѓето во Арачиново немаат канализација и други основни услови за живот, ама важно ќе добијат музеј во чест на терористи
– Секако дека ова е поврзано со ситуацијата на Косово, но и со ситуацијата во Македонија каде што одредена група треба да го покаже тој националистички пристап во јакнење на свеста на Албанците и нивната улога во оваа држава. Од друга страна, наместо да се грижат за подобрување на економскиот статус на општината во која никој не плаќа даноци, тие ќе инвестираат во изградба на непотребни објекти. Ова покажува дека голем број општини во Македонија треба да се укинат, односно неопходно е да се направи нова територијална поделба. Гледаме дека во одредени делови на државата не владеат правилата и законите на Македонија, па кога можеше во Липково да се изгради толкав споменик, а да не се дозволи споменик на бранителите кои загинаа кај Карпалак, тогаш за што воопшто ние говориме? Не функционира и не владее правото во Македонија, па слободно можам да кажам дека сите ние живееме на една нефункционална територија – изјави Пекевски.
Албанските партии во земјава, наместо да градат заедничка држава и соживот врз темелите на антифашистичката борба во која се бореле и Албанците и Македонците од иста страна, тие упорно го рехабилитираат бализмот, изјави Јована Мојсоска, член на Президиумот на Левица.
– Во поглед на УЧК, говориме за терористичка организација која убиваше цивили во 2001 година, која вршеше злодела на рамниште на ИСИС. Но, изградбата на музејот во чест на УЧК се случува кога имаме една крајно антимакедонска влада и сите овие работи поминуваат неказнето. И секако дека ваквата најава има врска со изборите кои се наближуваат, а исто така би ја поврзала и со неодамнешното доаѓање на албанскиот премиер Албин Курти во Тетово. Тогаш немаше ниту еден претставник на ДУИ, па сега партијата на Али Ахмети бара начини како да ги покаже своите шовинистички изблици. Луѓето во Арачиново немаат канализација и други основни услови за живот, ама важно ќе добијат музеј во чест на терористи – изјави Мојсоска.
Тие нивните, ние нашите
Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, на денешната прес-конференција изјави дека не му пречи тоа што ќе се гради музеј на УЧК во Арачиново, но само доколку и на бранителите им се дозволи да имаат свои споменици.
Сепак, тој призна дека илузорно е да се изгради споменик на македонските бранители во Арачиново, бидејќи, како што рече, во селото живеат само етнички Албанци.
– Арачиново е 100% село со етнички Албанци во Македонија и таму Македонци малку се движат. Илузорно е таму изградба на споменик на бранителите и невозможно е. Таква е состојбата. Достоинство само одеше 15 години на заседата кај Вејце. Последните две години се охрабрија да дојдат и други авторитети – рече првиот човек на Достоинство.
Тој го повторни ставот на Достоинство во поглед на изградбата на музеи и споменици:
– Секој нека си ги чествува своите, а нам не ни смета доколку ДУИ, односно поранешната УЧК ги чествува своите загинати припадници во конфликтот во 2001 година. Тоа е очекувано, а и ние како држава учиме многу работи од сето тоа. Сите загинати припадници на УЧК имаат свои достојни спомен-обележја, па досега изградени се повеќе големи меморијални споменици како што е споменикот во Арачиново, споменикот на УЧК во Чаир, споменикот кај Селце, кај Гајре, споменикот кај Липково кој лично го отвори поранешниот командант на УЧК, Али Ахмети. Воедно, денеска можевме да слушнеме и најава од градоначалникот на Општина Арачиново, кој истакна дека во ова село ќе се изгради музеј во чест на УЧК. Па така, додека тие ги чествуваат нивните, наша должност е ние да си ги чествуваме и славиме нашите браќа по оружје – изјави Ангелов.
Држава во држава
Поранешниот амбасадор Ристо Никовски, пак, забележува дека Албанците во Македонија веќе немаат кочници и дека својот големоалбански концепт го реализираат на секој начин.
Албанците се свесни дека македонската страна не реагира, а власта се прави отсутна и голта сѐ затоа што зависи од албанскиот фактор
– Ова што се прави во Арачиново и во Слупчане во однос на електричната енергија, на пример, само покажува дека тие не фермаат никого и дека се држава во држава. Од друга страна, факт е дека нашата историографија, политика, наука, нема заземено сѐуште никаков став, а тоа покажува дека македонската страна од државава нема своја политика, нема свој однос и нема свои ставови за многу клучни работи, па затоа ни се случуваат вакви безобразлуци – вели Никовски.
На прашањето дали Општина Арачиново може самостојно и без амин на Министерството за култура да отвори музеј во чест на УЧК, Никовски објаснува:
– Во принцип секој може да отвори музеј за што сака и каде сака, но тоа не е така со спомениците за кои е потребна регулатива. Но, затоа, пак, пред некое време во Липково се издигна 20-метарска кула во чест на УЧК, па никому ништо. Тој споменик е дивоградба, но факт е дека тој постои и никој не го срушил. Секоја општина си има свои ингеренции, па државната управа не може да изврши упад во општината без согласност на општинскиот совет и градоначалникот. Затоа и ние се соочуваме со проблеми да поставиме споменик во чест на бранителите кои ги загубија животите во 2001 година кај Карпалак. Но, основата на најавениот музеј во Арачиново и на веќе изградената кула во Липково е провокација. Албанците се свесни дека македонската страна не реагира, а власта се прави отсутна и голта сѐ затоа што зависи од албанскиот фактор – посочува Никовски.
Немаме заедничка вистина
Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу не верува дека со изградбата на музејот на УЧК во Арачиново ќе се нарушат меѓуетничките односи во земјава, иако, како што и самиот признава, сепак ова на еден начин претставува удар.
На најавата за изградба на музеј во чест на УЧК во Арачиново гледам како на знак дека влегуваме во предизборна година. Секако дека станува збор за дел од предизборниот наратив, иако јас не верувам дека може премногу да делува врз изборните резултати. Ако изградбата на музејот беше навистина приоритет на Општина Арачиново, тогаш тој требаше да се изгради уште во 2002 или во 2003 година, веднаш по завршувањето на конфликтот. Не знам зошто толку многу се чекало. Истиот овој став го имав и кога се градеше Музејот на ВМРО во Скопје. Не навлегувам во тоа дали можат да се споредат УЧК и ВМРО, бидејќи сѐ зависи од перспективата. Пак ќе кажам дека најавата за изградба на музеј на УЧК е знак на предизборие и сметам дека е пристапот е целосно погрешен. Жителите на Арачиново сигурно имаат и други приоритети – објаснува Муслиу.
Не верувам дека со изградбата на музејот ќе се растури меѓуетничката рамнотежа во земјава
Меѓуетничките односи во Македонија, додава тој, претрпеле и многу потешки удари од овој.
– Не верувам дека со изградбата на музејот ќе се растури меѓуетничката рамнотежа во земјава. Секако дека некои албански политичари ќе го искористат ова во својот предизборен наратив кој најверојатно ќе биде поетнички. Прво ќе се постројуваат и ќе се дистанцираат кај албанскиот етникум во однос на ова прашање, а од друга страна, истото ќе се случува и кај македонскиот етникум. И верувам дека ова ќе биде тема на помалите партии, а ако се фатат и големите партии на јадицата, мислам дека многу ќе погрешат. Значи, зборуваме за 2024 година и сметам дека овие теми не се приоритетни. Од друга страна, односот на албанската заедница кон УЧК и односот на македонската заедница кон УЧК не е ист. И тоа не е спорно, бидејќи ние во 2002 година воопшто не се позанимававме со утврдување на заедничката вистина во однос на 2001 година, туку си продолживме со партиски политички наративи. Ние имаме Охридски рамковен договор чија задача е да ги сплоти двете страни. Во една држава, каде што имало помирување помеѓу две страни, потребно е да се создаде заедничка вистина, а кај нас, за жал, тоа не е направено. И ние сега не можеме да имаме заедничка вистина затоа што во минатото никој не потрошил енергија и волја за да се дојде до таа заедничка вистина. Тоа е проблем во ова општество, но не е суштински проблем – изјави Муслиу.
Бранителите, сепак, ќе добијат споменици
Министерството за одбрана соопшти денеска дека ја започнало постапката за изградба на спомениците на загинатите бранители во месноста Љуботенски бачила, на Карпалак и во Вејце.
„Со оглед на обидот на градоначалниците на општините до кои беше поднесена иницијативата да ја политизираат оваа иницијатива, министерката за одбрана Славјанка Петровска, сакајќи да се зачува ликот, делото и жртвата на загинатите бранители, започна со постапка за која не е потребна согласност од општините, а ќе овозможи изградба на овие споменици на споменатите локации“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.
Со заклучок на седницата од 28. септември годинава Владата ги задолжи Министерството за одбрана и надлежните институции, местата на кои загинале македонските бранители да бидат доделени на Министерството за одбрана.
„Постапката е веќе започната и е во тек“, се вели во соопштението на МО.