ОД РУИНИ ДО МОДЕРЕН ЦЕНТАР „Моша Пијаде“ во Тетово блесна со европски пари

Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово има пет објекти и сите се темелно реконструирани.

191

Со 5 милиони евра помош од Европската Унија, Регионалниот центар за стручно образование и обука „Моша Пијаде“ во Тетово доби целосно нов изглед и услови какви што ретко се гледаат во јавниот образовен систем. По темелна реконструкција, училиштето денес функционира како современ образовен комплекс за повеќе струки.

Во рамки на инвестицијата, обновени се сите пет објекти на училиштето – поставена е нова енергетски ефикасна фасада, заменети се крововите, прозорците и вратите, а објектите се опремени со нова информатичка и електромеханичка опрема. Обезбедена е и пристапност за лица со попреченост, што досега беше сериозен недостаток.






Училиштето го посетија министерката за образование Весна Јаневска, премиерот Христијан Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас и градоначалникот Биљал Касами. Тие оценија дека трансформацијата е видлива и дека условите за настава се значително подобрени.

– Од објекти кои беа во лоша состојба, денес имаме модерни простории со современа опрема. Очекувам тука да се создаваат квалитетни кадри за индустријата и економијата – изјави Јаневска, потенцирајќи дека стручното образование е клучно за идниот развој на државата.

Таа нагласи дека проектот е дел од пошироката реформска агенда, според која до 2027 година треба да се формираат осум регионални центри за стручно образование. Во моментов, седум веќе се основани, а три, меѓу кои и тетовскиот центар, веќе покажуваат резултати.

Во „Моша Пијаде“ учат повеќе од 1.000 ученици, под водство на околу 150 наставници, во области како машинство, електротехника, угостителство, земјоделство и транспорт. Со новите услови, очекувањата се дека училиштето ќе стане клучен извор на стручен кадар за пазарот на труд.

Поврзани содржини