ОД ПОМОШ ЗА ПРВО ДЕТЕ, ПРЕКУ ПОДДРШКА ЗА ТРОТИНЕТ, ДО ПОПРАВКА НА ЛИФТОВИ Општините лани потрошиле над 4 милиони евра за помош на граѓаните
Со помошта се опфатени вкупно 58.290 граѓани, и во споредба со претходната година, бројката е зголемена за речиси 13.000 луѓе.
Вкупно 63 општини во земјава, лани потрошиле 4.056.482 евра за разна финансиска помош и дотации за жителите во општините што е за еден милион евра повеќе од претходната година. Најмногу пари, половина милион евра, поделила скопската општина Аеродром. Најмногу граѓани со помошта опфатила скопска Гази Баба, покажува новата анализа на Центарот за граѓански комуникации. Реалната сума е сигурно и поголема, бидејќи две општини и Градот Скопје не одговориле на барањето на Центарот.
Според анализата со помошта се опфатени вкупно 58.290 граѓани, и во споредба со претходната година, бројката е зголемена за речиси 13.000 луѓе.
Пари се доделувани за вкупно 92 различни основи – од прво дете, првоодделенци, средношколци, млади, матуранти и сл. до лица во социјален ризик и пензионери. Исто така, доделувани се и училиштен прибор, ранци и дрва, а парична поддршка е давана и за купување велосипеди, тротинети, дигитални уреди, пелети и печки за пелети, клима уреди и сл. Субвенционирани се и сметки за комуналии, за полагање возачки, за превоз и за паркинг. Пари се давани за стапување во брак, за санација на покриви, за прозорци, за лифтови, за стипендии, а наградувани се првенци на генерација, најдобар наставник, полицаец, земјоделец, пожарникар и доктор.
Најмногу општини доделуваат парична помош е за секое новородено дете – за што пари даваат дури 50 општини, а 38 општини даваат пари и друга помош за првачиња. Највисок износ за првоодделенци, 8.000 денари, дава Општина Могила. За новороденчиња, најмногу пари, 30.000 денари дава Општина Старо Нагоричане.
Од другите основи, најмногу пари се доделувани за поправка на фасади и за замена на лифтови, над 200.000 денари.
Највисок поединечен износ што исплатила една општина е Конче, која дава по 100.000 денари на секое лице над 35 години кое стапило во брак.
Најмногу пари за вакви дотации лани исплатила Општина Аеродром, дури 552.387 евра. Следна е скопската општина Центар со 507.481 евро. По нив следат Кисела Вода со 461.989 евра и Гази Баба со 415.172 евра.
Скопската општина Гази Баба води според вкупниот број граѓани на кои им е исплатена некаква помош, 10.630, а речиси ист број граѓани, 10.511 се опфатени со помошта од Општина Кисела Вода.
Двете општини лани давале помош и за пензионери, и тоа ист износ, по 2.500 денари. Гази Баба исплатила 2.662 пензионери, а Кисела Вода 3.005. И Општина Центар давала помош за пензионерите, а во 2025 година вовела и училишни униформи кои ги поделила на 4.900 ученици.
Речиси нема општини кои исплатуваат помош за исти основи, освен можеби помошта за првачиња и новороденчиња. Исто така, нема воедначеност ни меѓу сумите што ги исплатуваат општините за иста основа. Пример, за новороденче се исплатуваат од 3.000 до 30.000 денари, а за прваче сумите се движат од 2.000 до 8.000 денари. И за првородено дете сумите се различни и тоа од 6.000 до 30.000 денари. Во категоријата „најдобар“ износите се движат од 5.000 за најдобар ученик до 30.000 за најдобар земјоделец.
Исто така се различни и програмите и буџетските категории од кои општините ја доделуваат паричната помош. Од ставката „градоначалник“, „субвенции и трансфери“, преку „социјална заштита“ и „социјални бенефиции“, до „заштита на животната средина“ и „образование“. И исплатите имаат различни називи и форми од општина до општина – „финансиска помош“,„финансиска поддршка“, „парична помош“, „дотација“, „субвенција“ и сл.
Она што останува нејасно е дали општините имаат ингеренции за вакви дотации и помоши, особено што од општина до општина се применуваат различни правила, процедури, постапки, износи и категории. Општините, во своите правилници и одлуки за доделување на разните помоши, се повикуваат на различен член од Законот за локалната самоуправа. Сепак, најчесто еповикувањето на членот 36, став 1 каде што се наведени надлежностите на Светот на општината и точката 15 „Врши и други работи утврдени со закон“.