ОД НИВ НЕ БЕА ПОШТЕДЕНИ НИТУ НАЈМАЛИТЕ Како ширењето на дезинформации за вакцината ги загрози децата?
Важно е родителите да разберат дека вакцините се најважното средство за заштита, а особено помагаат да се избегне ретка и опасна компликација на мултисистемски воспалителен синдром, што може да се појави кај децата поради блага инфекција, вели Балан.
Пандемијата ја пустоши возрасната популација во светот веќе две години, додека децата во голема мера беа поштедени од црната статистика.
Брзото ширење на варијантата омикрон доведе до рекорден број на инфекции и хоспитализација на деца, а за ризикот придонесуваaт и антиваксерските дезинформации за штетноста на вакцините, а кои им сервираат на родителите.
Родителите и децата остануваат ранливи
Веројатноста млади луѓе да умрат од вирусот сѐ уште е мала. Вакцините во голема мера го намалуваат ризикот од тешка форма на болеста, а вакцинираните мајки можат да ја пренесат заштитата на своите деца. Сепак, поради сомневањата за вакцините кои се шират преку Интернет, родителите и децата остануваат ранливи.
Васим Балан, лекар во детската болница во Феникс, рече дека борбата против дезинформациите станала дел од неговата работа, без разлика дали се работи за загриженост дека вакцините се премногу рано развиени или лажните тврдења дека тие можат да влијаат на плодноста.
– За жал, често го правиме овој разговор со родителите кога детето веќе завршило во болница – рече тој.
– Важно е родителите да разберат дека вакцините се најважното средство за заштита, а особено помагаат да се избегне ретка и опасна компликација на мултисистемски воспалителен синдром, што може да се појави кај децата поради блага инфекција – вели Балан.
На пример, во САД, само 27 отсто од децата на возраст од 5 до 11 години ја примиле првата доза од вакцината. Овој месец, бројот на хоспитализирани деца го достигна врвот во истата земја, дури 914, што е драстично поголема бројка од минатогодишниот рекорд, кога во септември 2021 година беа хоспитализирани 342 деца.
Заштита уште во матката
Во првата недела од јануари, Детската болница во Тексас во Хјустон имаше 12 случаи на новороденчиња кои беа на интензивна нега поради ковид-19.
Новороденчињата се премногу мали за да се вакцинираат, но Кетрин Греј, од фетална медицина во „Brigham and Women’s Hospital“, рече дека има се повеќе докази дека антителата безбедно се пренесуваат од мајка на дете за време на вакцинацијата за време на бременоста, што барем делумно го штити.
Бремените жени исто така не сакаат да ја примат вакцината, бидејќи тие не биле вклучени во првичните клинички испитувања. Греј вели дека денес, врз основа на сите податоци, може со сигурност да им каже на трудниците дека вакцината е безбедна и за мајката и за бебето.
– Ако навистина сакаат да ги заштитат своите новородени бебиња, најдобар начин да го направат тоа е да се вакцинираат – смета Греј.
Американски епидемиолози: Нема докази за зголемување на фреквенцијата на мртвородени деца
Истата порака ја испраќаат и здравствените установи ширум светот, но недостатокот на податоци од почетокот на пандемијата сè уште се користи на социјалните мрежи за да се одвратат луѓето да се вакцинираат. Во објавите на Фејсбук и Твитер има тврдења дека бројот на мртвородени деца е зголемен поради вакцинацијата на трудниците, и покрај тоа што ризикот е многу поголем доколку мајките ја пребродат инфекцијата невакцинирани.
Епидемиолозите Карла Десисто и Саша Елингтон од Центарот за контрола и превенција на болести на САД рекоа дека нема докази меѓу 1,2 милиони раѓања за зголемување на инциденцата на мртвородени деца за време на пандемија.
Но, нивното истражување покажа колку е опасно да се заразиш за време на бременоста.
– Во споредба со бремените жени без ковид-19, оние со ковид-19 се изложени на зголемен ризик од негативни исходи од бременоста, како што се раѓање на предвремено родени бебиња и мртвородени деца – велат истражувачите.
Млеко без вакцина
Дезинформациите важат и за доењето, а има информации дека децата што ги дојат вакцинирани мајки добиваат осип, па дури и умираат. Здружението за фетална медицина препорачува мајките кои дојат да се вакцинираат и велат дека нема причина да се прекине доењето по примањето на вакцината.
Модераторите на приватните групи на Фејсбук изјавија за АФП дека дезинформациите стануваат се почести во групите за размена и продажба на мајчиното млеко. Бетани Бристоу изрази загриженост поради побарувачката за „млеко без вакцини“ во една од најголемите такви групи.
Оваа мајка од Њујорк заедно со уште неколку модератори решиле да забранат вакви барања, а сега во правилата на групата од 10.500 членови стои:
„Рекламирањето и побарувачката за невакцинирано мајчино млеко ве загрозува вас, вашите деца и заедницата“.
Во млекото на вакцинирани мајки се пронајдени антитела
– Истражувањата ги сугерираат придобивките на млекото од вакцинираните мајки – рече Лаура Вард, ко-директор на Центарот за доење во детската болница во Синсинати.
– Најдени се антитела во млекото на вакцинирани мајки, што значи дека вакцинираните мајки можат да пренесат одредена заштита од вирусот ковид-19 на доенчињата – рече Вард.
Греј се согласи: „Мајчиното млеко е полно со антитела поради неговата изложеност на вакцини и/или инфекции. Ова не ги загрозува доенчињата, туку помага да се заштитат. Загриженоста за безбедноста на вакцините е занемарлива во споредба со ризикот што го носи ковид-19“.