ОД МАКЕДОНИЈА СЕ ШВЕРЦУВА НАФТА ВО АЛБАНИЈА? Уапсен жител на Корча
Д.Ф.(54) со возило од марка „мерцедес", чиј резервоар го модифицирал и го зголемил, од Македонија преку граничниот премин Горица, шверцувал значителна количина нафта, соопшти албанската полиција.
Албанската полиција по едномесечна истрага уапсила жител на Корча под обвинение за шверц на гориво преку граничниот премин Горица-Стење, на албанско-македонската граница кај Ресен.
– Од целокупноста на истражните дејствија, произлезе дека државјанинот Д.Ф.(54) со возило од марка „мерцедес”, чиј резервоар го модифицирал и го зголемил, од Македонија преку граничниот премин Горица, шверцувал значителна количина нафта. Шверцуваната нафта ја складирал во домот на неговата сестра Е.Ч. а потоа ја продавал на други лица – се вели во полициското соопштение.
Полицијата открила 300 литри нафта, за кои верува дека е шверцувана од Македонија.
Д.Ф. ќе одговара за кривични дела „Криумчарење на стоки кои подлежат на акциза” и „Трговија и превоз на шверцувана стока”. Неговата сестра ќе одговара за соработка, но ќе се брани од слобода.