ОД КАЛ ДА Е, АМА ВРЕДЕН РАБОТНИК ДА Е! Ќе биде ли Законот за правична застапеност добра замена за балансерот?
На прашањето дали владината коалиција веќе постигнала договор за Законот за правична постапка кој треба да го замени балансерот, како што тврди Меџити, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо велат дека првиот вицепремиер најверојатно се помешал со Комисијата за правична застапеност.
Можноста за укинување на балансерот и воведувањето на Закон за правична застапеност повторно ја отвори дебатата за етничките вработувања во јавните институции.
Тврдењата на првиот вицепремиер Изет Меџити дека вработувањето треба да се врзува за најквалитетните кадри, звучи како чекор кон подобра професионализација на институциите.
Но, дали овој нов закон навистина ќе донесе вистински промени или само ќе биде продолжение на политиките кои веќе ги гледавме низ годините?
Вработувањето по етнички клуч, било со балансерот или со новиот закон, и понатаму остава простор за прашања околу вистинските критериуми за компетентност и заслуга.
Тоа што најмногу збунува е вчерашната изјава на Меџити во интервјуто за Радио Слободна Европа: „Ако треба да се вработи Македонец, тогаш ќе се вработи, но најквалитетниот. Ако треба да се вработи Албанец – да, но најквалитетниот и најобразованиот“.
Дали тоа значи дека и новиот Закон за правична застапеност ќе предвидува вработувања по етнички клуч, но шанса ќе им се дава само на најдобрите и најквалификуваните Македонци, односно Албанци, во зависност од тоа каков работник и од каква етничка припадност се бара во моментот?!
Во меѓувреме, Уставниот суд на 18 септември времено го запре користењето на балансерот до конечната одлука за уставноста на законските одредби со кои се овозможува етничката припадност да е услов за вработување. Конечната одлука треба да се донесе во рок од 3 месеци.
Квалитетот пред сѐ
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити во вчерашното интервју за Радио Слободна Европа потврди дека за замената на балансерот со нов Закон за правична застапеност веќе постои согласност на ниво на Влада и меѓу коалициските партнери.
Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност, но и со квалитет. Мислам дека тоа е најдоброто за државата.
– Во принцип балансерот беше во функција на спроведување на Рамковниот договор и правична застапеност на помалите заедници во државната и јавната администрација. За волја на вистината, првите години даде придонес во тоа и се подобри сликата на етничката припадност во јавна и државна администрација. Но, во последните години не беше во функција, туку имаше контраефект бидејќи имаше многу случаи каде иако балансерот ќе кажеше дека треба да се вработи Албанец, Турчин или Македонец, луѓето за да се вработат се изјаснуваа лажно. На централно ниво можеа Македонците да се изјаснат како Албанци, на локално ниво Албанците како Македонци. Така што, балансерот е надвор од својата функција. Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност, но и со квалитет. Мислам дека тоа е најдоброто за државата. Само треба да најдеме начин евентуално да има евиденција на етничката припадност во администрацијата без да се косиме со приватноста на информациите. На тој начин овој механизам ќе биде унапреден во закон за соодветно претставување на немнозинските заедници во земјата – изјави Меџити.
Од друга страна, пак, министерот за јавна администрација Горан Минчев, тврди дека воопшто не се подготвува нов Закон за правична застапеност.
– Законот не е во подготовка. Јас се надевам дека во рамки на владината коалиција ќе имаме отворена дебата, но во моментов не би можел да кажам дали ќе има ново законско решение или каква ќе биде содржината на тоа законско решение. Би ја почекал конечната одлука на Уставниот суд, па во зависност од тоа каква ќе биде одлуката ние ќе постапиме кон евентуално ново законско решение – објасни министерот Минчев.
Да не им робуваме на бројките
На прашањето дали владината коалиција веќе постигнала договор за Законот за правична постапка кој треба да го замени балансерот, како што тврди Меџити, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо велат дека првиот вицепремиер најверојатно се помешал со Комисијата за правична застапеност.
– Веројатно Изет Меџити мислел на Комисијата за правична застапеност кога во интервјуто говорел за Законот за правична застапеност. Комисијата е веќе формирана и таа треба да ја запазува правичната застапеност во институциите. Од друга страна, јасно е дека балансерот не ги даде потребните резултати, па наместо роб на бројки, потребно е да се биде роб на квалитетот и на способностите кои мора да бидат единствениот критериум за напредок и вработување – ни одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ смета дека укинувањето на балансерот ќе доведе до сериозни нарушувања на темелите на Охридскиот договор, кој е клучен за одржување на правичната етничка застапеност во државните институции.
Според партијата на Али Ахмети, ваквите одлуки го загрозуваат меѓуетничкиот мир постигнат по конфликтот во 2001 година.
„Со укинувањето на балансерот се рушат темелите на Охридскиот договор, и тоа ќе доведе до дестабилизација на меѓуетничките односи“, предупредуваат од ДУИ, посочувајќи дека ова е резултат на политичките сојузи против интересите на албанската заедница.
Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, изјави дека и социјалдемократите ја поддржуваат идејата за укинување на балансерот.
– И ние сме за укинување на балансерот. Балансерот мора да претстави соодветен систем на наградување, но со строги критериуми. Од друга страна, треба да оставиме Уставниот суд да ги носи одлуките и ниту една политичка партија да не се меша во носењето на оваа одлука – рече Лукаревска.
Нови упатства за вработување
Сите јавни институции ќе добијат упатство како да постапуваат во периодот додека важи времената мерка на Уставниот суд за стопирање на алатката балансер за вработувањата во јавната администраија, информираше Министерството за јавна администрација.
„Што се однесува до распишаните огласи за вработувања кои се во тек, Министерството за јавна администрација ќе постапи согласно содржината на донесените времени мерки од страна на Управниот суд, по објавата во Службен весник на РСМ. За истите ќе подготви соодветно упатство кое ќе го сподели и дистрибуира до сите институции“, информираат од Кабинетот на министерот за јавна администрација.