ОД ГРЧКИОТ МОДЕЛ ИМ СВЕТНАА ОЧИЊАТА НА БУГАРИТЕ Ветото за Македонија нема никаква врска со Русија

Главната инспирација на Бугарија лежи во искористувањето на грчкиот модел „ние сме членка, вие не сте, па затоа ние ќе ви наметнеме наши услови“, а дури второстепено е прашањето колку е силно руското влијание во Софија за да издејствува вето за Македонија, објаснува поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски, по вчерашната изјава на ексминистерката Радмила Шекеринска дека бугарското вето е резултат на руското влијание во Бугарија.

4,232

Бугарија отворено ја користи стратегијата и ги собира плодовите од отстапките коишто Грција, како земја-членка на Европската Унија (ЕУ), ги издејствува наспроти Македонија којашто е земја-кандидат за членство во Унијата. Главната инспирација на Бугарија лежи во искористувањето на грчкиот модел „ние сме членка, вие не сте, па затоа ние ќе ви наметнеме наши услови“, а дури второстепено е прашањето колку е силно руското влијание во Софија за да издејствува вето за Македонија.

Ова во разговор за Плусинфо го вели поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, откако ексминистерката Радмила Шекеринска вчера изјави дека „бугарското вето за Македонија е резултат на силното руско влијание во Бугарија“.






Политичка поларизација има во секоја држава. Русофили има во Македонија, има во Бугарија, има и во Германија, па дури и во Украина. Но, кај нас, политичката поларизација којашто има внатрешен карактер не се пресликува на темата евроинтеграции

Антонио Милошоски Поранешен министер за надворешни работи

– Основната инспирација на бугарскиот политички естаблишмент за пристапот кон Македонија е дека и тоа како се исплати наметнувањето на посилната членка на ЕУ врз послабата земја-кандидат. Бугарите ја следат грчката лекција, односно одат по патот по кој долго време чекореше нашиот јужен сосед. Нашите политичари, условно кажано, овозможија таа лекција да има таков исход и сакајќи или не сакајќи ги стимулираа бугарските политичари да си го земат тоа како модел на однесување – објаснува Милошоски.

Тој посочува дека не треба да постојат дилеми и да се бараат суштински разлики во однос на проевропската определба на релевантните политичари во Македонија, без разлика дали тие се од опозицијата или од власта.

– Честопати, ако не и секогаш, постојат несогласувања помеѓу домашните политичари во однос на тактиката и на пристапот, но суштински разлики не постојат. Од друга страна, ако веќе ја анализираме бугарската политичка елита, тогаш постои дилема каков е пристапот на бугарскиот претседател Румен Радев и на претседателката на БСП, Корнелија Нинова, кога станува збор за прашањето Европа-Русија-Македонија. Мислам дека тука има некои сегменти коишто вредат да се анализираат и нашето Министерство за надворешни работи (МНР) треба да има направено појасна слика околу сето тоа. Политичка поларизација има во секоја држава. Русофили има во Македонија, има во Бугарија, има и во Германија, па дури и во Украина. Но, кај нас, политичката поларизација којашто има внатрешен карактер не се пресликува на темата евроинтеграции – вели Милошоски.

Поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски смета дека изјавата на ексминистерката Радмила Шекеринска дека бугарското вето е резултат на руското влијание во Бугарија, не претставува ништо друго освен начин за политичка себепромоција.

– Чиста глупост е дека Русија има некаква вина за бугарското вето за Македонија. Веројатно сега е модерно за сѐ да биде виновен Путин. Нецивилизациските бугарски и историски синдроми се коренот на денешното однесување на Софија кон Скопје. За нив никогаш немало Македонци и нашето влегување во Европската Унија за нив е вселенска шанса за да ги реалзираат своите фантазмагории. Не треба да очекуваме никакви промени во бугарскиот став и единствена наша можност за да се надмине сегашната ситуација е веднаш да се поништи Договорот за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија. А што се однесува на изјавата на ексминистерката за одбрана Радмила Шекеринска, таа не е ништо друго освен најобично себепромовирање. Ваквата изјава има за цел да ѝ ја врати политичката актуелност на Шекеринска, како и да ја врати од политичката темнина во којашто е фрлена – вели Никовски.

Нецивилизациските бугарски и историски синдроми се коренот на денешното однесување на Софија кон Скопје

Ристо Никовски Поранешен амбасадор

Инаку, на вчерашната панел-дискусија на Универзитетот Американ Колеџ на тема „Војната во Украина и нејзиното влијание на Балканот“, Шекеринска рекла и дека никогаш досега не слушнала од бугарска јавна личност да рече дека на Македонија треба да ѝ биде ставено вето.

– Бугарското вето е поттикнато од силното руско влијание во Бугарија. Но, ниту еден Бугарин кој се смета за јавна личност не излегол во јавноста да каже дека на Македонија треба да ѝ биде ставено вето. Оти, вето не се става преку референдум. За тоа не гласаат обичните граѓани – истакнала Шекеринска.

На истата таа панел-дискусија, професорот по меѓународна безбедност, Огнен Вангелов, пак, се осврнал на руското влијание во Македонија, кое според него, доаѓа по разочарувањето во земјава поради неотпочнувањето преговори со ЕУ.

– Во земјава се оправдува руската инвазија во Украина, како што може да се види од социјалните мрежи. И последните анкети, пред инвазијата, покажаа дека во Македонија има проруско расположение, а намалена доверба во Европската Унија – изјави Вангелов.

Поврзани содржини