ОД ЕКОНОМИЈА БАЗИРАНА НА НИСКИ ПЛАТИ, КОН ЕКОНОМИЈА БАЗИРАНА НА ЗНАЕЊЕ И ИНОВАЦИИ Економската конкурентност е вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030

Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири, планираме голема поддршка за домашните претпријатија, вели Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

1

Вториот стожер на Стратегијата Македонија 2030 е економската конкурентност и нов модел на раст, рече денеска Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Стратегијата „Ново поглавје – Македонија 2030“ поставува јасна цел за создавање модерна и просперитетна држава што се потпира на работа, знаење и стабилни институции, рече Манасиевски. Нашата економија, додаде, мора да премине кон систем што создава вредност, а не зависност.






– Вториот стожер што денеска го претставуваме е економска конкурентност и нов модел на раст. Нашиот фокус е структурната трансформација, односно, од економија базирана на ниски плати во минатото, да се стремиме кон економија базирана на знаење, иновации и висококвалификуван кадар. Имаме конкретни чекори и план како да стигнеме до оваа реализација. Развој на индустрии со висока додадена вредност, како модерна технологија, ИКТ, биотехнологија, фармација и инженеринги тие да бидат нашите двигатели на новата економија – рече Манасиевски.

Следен чекор е дигитализација и автоматизација во бизнис-секторот, додаде тој.

– Само модерни компании можат да влезат во европските производствени и технолошки синџири. Планираме голема поддршка за домашните претпријатија. Домашниот бизнис е мотор на економијата. Затоа, обезбедуваме подобри услови за инвестиции, пристап до капитал и намалени административни бариери. Стабилен и предвидлив даночен систем. Ниту една компанија не би инвестирала во држава која ги менува правилата според дневна политика, затоа стабилноста е суштинска – истакна Манасиевски.

Последен чекор во овој стожер, додаде тој, но и многу важен, е зелена транзиција и енергетска независност. Се работи на зголемени инвестиции во обновливи извори, модернизација на енергетските мрежи и развој на зелени технологии.

– Овој економски стожер ја поставува Македонија на траекторија на реален раст. Нашата цел е систем што создава можности, задржува талент и ја прави државата конкурентна во Европа. За да можат младите да останат да работат тука, да творат и да живеат дома, во Македонија – рече Манасоевски.

Поврзани содржини