ОД 36 ОБВИНЕТИ, 13 СКЛУЧИЛЕ СПОГОДБИ ВО СЛУЧАЈОТ „СИНДРОМ“ Првообвинетата за поткуп за туѓа нега доби 3,6 години затвор

Обвинетите кои се организирале во две криминални групи во текот на 2023 година и до април 2024 година додека не биле откриени, барале од 150 до 5.000 евра, зависно од правото што требало да им го обезбедат на барателите.

911

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен предлог против 36 лица во предметот именуван „Синдром“ во кој лекари и други лица земале поткуп за овозможување права за туѓа нега и инвалидска пензија.

По спроведена истражна постапка почната кон крајот на април годинава, постои основано сомневање дека десетмина од обвинетите сториле кривични дела и тоа: Злосторничко здружување, Давање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание, пет лица сториле кривично дело Злосторничко здружување и Примање поткуп, две лица сториле кривично дело Злосторничко здружување и Примање награда за противзаконито влијание, додека останатите 19 лица се обвинети дека сториле кривично дело Давање награда за противзаконито влијание и Давање поткуп, соопшти Јавното обвинителство.






Според доказите, обвинетите се организирале во две криминални групи кои во текот на 2023 година и до април 2024 година посредувале и незаконски овозможувале добивање права на туѓа нега и инвалидска пензија, во замена за пари. Цената за овие услуги се движела од 150 до 5.000 евра, зависно од видот и времетраењето на правото што се обезбедувало.

Организаторите и припадниците на групите, меѓу кои се и лекари, адвокат и службени лица од неколку јавни установи, користеле своја службена положба и реално влијание за незаконско издавање на медицински мислења и одлуки во корист на барателите на права. На овој начин, биле заобиколени одредбите од Законот за социјална заштита.

Во досегашниот тек на постапката, 13 обвинети склучија спогодби со обвинителството и врз основа на нив Основниот кривичен суд Скопје изрече пресуди при што првообвинетата е осудена на единствена казна затвор во траење од три години и шест месеци за кривично дело – Злосторничко здружување, кривично дело – Давање поткуп и кривично дело – Примање поткуп. Воедно ѝ се одземаат и противправно стекнати 15.000 евра. На останатите кои се спогодиле им е изречена алтернативна мерка – условни осуди на казна затвор од 1 до 2 години, која казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите во рок од три односно пет години не сторат ново кривично дело. Од нив на едно лице му се одзема имотната корист која настанала како резултат на извршување на кривичното дело – надоместок за помош и нега од друго лице во вкупен износ од 36.520 денари, а на едно лице противправно стекнатата имотна корист од 2.360 евра и 81.000 денари, соопшти Јавното обвинителство.

Со обвинителниот акт јавниот обвинител му предложи на судот на обвинетите да им бидат продолжени веќе изречените мерки на обезбедување – мерка притвор за пет лица и мерка куќен притвор за пет лица, а за останатите обвинети мерки на претпазливост.

Поврзани содржини