ОД 1 ЈУЛИ 300 ВРАБОТЕНИ НА КЛИНИКА ЌЕ СЕ ПАРКИРААТ ВО „ЛИМАК“ Алиу најави нов паркинг систем и интерактивни табли
На прашањето за долгорочно решение на паркинг-проблемот во рамки на Клинички, Алиу најави анализа која ќе ги вклучи и вработените и пациентите, бидејќи, според него, дневно на Клиниките циркулираат околу 6.000 пациенти, а таму работат над 2.500 лица.
Од 1 јули, дел од вработените во скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ ќе можат да го користат паркингот на трговскиот и деловен комплекс „Лимак“, најави денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Како што објасни на прес-конференција, Министерството потпишало меморандум со компанијата „Лимак“, со кој се обезбедуваат 300 паркинг места за вработените во здравствените установи на Клинички центар. Паркингот ќе биде достапен 24 часа и се наоѓа на пет минути пешачење од болничкиот комплекс.
– Поставени ќе бидат табли кои ќе покажуваат кои спратови се наменети за вработените во здравството. Тие ќе плаќаат за паркингот таму, исто како што плаќаат и сега – изјави Алиу.
Сепак, министерот додаде дека сѐ уште не постои методологија како да се обврзат вработените да го користат токму овој паркинг.
На прашањето за долгорочно решение на паркинг-проблемот во рамки на Клинички, Алиу најави анализа која ќе ги вклучи и вработените и пациентите, бидејќи, според него, дневно на Клиниките циркулираат околу 6.000 пациенти, а таму работат над 2.500 лица.
– Паркингот досега не е ни мапиран – не се знае каде точно треба да се паркираат возилата. Затоа правиме анализа: колку пациенти ги користат местата, колку вработени има, и како најдобро да се организира – додаде тој.
Воедно, Алиу најави поставување на интерактивни информативни табли во самиот Клинички центар, преку кои посетителите и пациентите ќе може во реално време да добиваат информации – каде има слободни паркинг места, како и каде точно се наоѓа одредена институција или служба.
– Долгорочниот план за решавање на паркингот ќе биде дел од поширокото решение за самиот Клинички центар – заклучи министерот.