ОБВРСКА НА МАКЕДОНИЈА Е ДА СЕ ГРИЖИ ЗА СИТЕ МАКЕДОНЦИ Немаме право да се откажеме од малцинството во Бугарија

Ние сме должни да се грижиме за граѓаните на други држави, кои отворено ја манифестираат македонската самосвест. Секако дека мораме да ги почитуваме уставите на тие држави, но обврската која произлегува од нашиот Устав е да ја помагаме и обединуваме дијаспората со матицата, вели Марјан Ѓорчев.

2,779

Дали вицепремиерот за евроинтеграција Бојан Маричиќ беше во право кога кажа дека Македонија согласно Уставот, не е надлежна да квалификува дали во некоја друга земја, вклучувајќи ја тука и Бугарија, постои некакво малцинство, веројатно алудирајќи на Македонците во Бугарија кои водат голема битка за признавање на својата националност пред бугарските и меѓународните судови?

– Тоа ни е обврска од Уставот, така што не е на Северна Македонија каде и какво малцинство има во регионот, тоа е внатрешно прашање на сите држави во регионот, вклучувајќи ја и Бугарија, а секоја група луѓе, етничка заедница или пак политичка партија или здружение има право да ги бара своите права преку Советот на Европа, Европскиот суд за човекови права или Европската конвенција за заштита на човековите права – рече Маричиќ.






Оваа негова изјава наиде на лавина од реакции, бидејќи настапот на вицепремиерот беше протолкуван како атак врз правата на Македонците во Бугарија.

„Каде се Маричиќ и (Димитар) Ковачевски по истите принципи да побараат реципроцитет и да и порачаат на официјална Софија да не се меша во внатрешните работи на Македонија? Напротив, молчат и поданички се поклонуваат, а го газат и навредуваат својот народ во континуитет“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, а слични реакции беа испратени и од другите опозициски партии.

Бројни се земјите каде што можат да се пронајдат Македонци. Во Србија и Хрватска тие се впишани во уставите на двете земји, со загарантирани малцински права пропишани со тамошните закони. Македоци можат да се пронајдат во пописните листи од другите земји во регионот, како во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Албанија, а секако дека граѓани со македонска самосвест има и по Европа, Америка и Австралија. Но, ете, во Бугарија нема Македонци, односно не постои македонско малцинство, како што тоа пред некој ден го посочи премиерот на оваа земја Кирил Петков. Дали во еден ваков контекст, кога премиер на друга држава отфрла било каква можност за постоење на македонско малцинство, претставнците на нашата влада смеат да си дозволат да се откажат од своите сонародници од другата страна на границата?

– Ние сме должни да се грижиме за граѓаните на други држави, кои отворено ја манифестираат македонската самосвест. Секако дека мораме да ги почитуваме уставите на тие држави, но обврската која произлегува од нашиот Устав е да ја помагаме и обединуваме дијаспората со матицата – вели Марјан Ѓорчев, кој во минатото меѓу другото беше и амбасадор на Македонија во Бугарија.

Тој објаснува дека во Бугарија, земја која е членка на Европската Унија, не постои категоријата малцинство.

– Таму на пописите може да изјасните како сакате, но доколку не сте Бугар тогаш ќе бидете впишани во графата – други. Уставот не предвидува етнички групи надвор од бугарскиот етникум, туку индивидуално право на поединци. Секој има право да се чувствува како сака, но само како индивидуа, а не и како дел од група – вели Ѓорчев.

Поранешниот амбасадор тврди и дека нашето право да се грижиме за нашето малцинство во други земји, произлегува од членството во Советот во Европа и Обединетите нации.

– Бугарскиот, а сличен е и грчкиот Устав, се единствените во рамки на Европската Унија во кои не се соджани малцинските права. Но, тоа не значи дека ние не смееме да се грижиме за нашите малцинства во двете земји. Треба да ги поддржуваме активнотите на нивните здрженија, кои со години се обидуваат својата борба да ја докажат пред меѓународните судови и организавии. Не сум сигурен дали пошироката јавност тоа го знае, но во Бугарија ислегува весникот „Народна волја“, во кој текстовите се објавувани на македонски и бугарски јазик. Постојат и голем број на други здруженија и организации кои ја негуваат македонската самосвест. Ние мораме да ја помагаме нивната дејност – додава Ѓорчев.

Од друга страна Ѓорчев смета дека во духот на нашиот народ и држава, нема никаква пречка во нашиот Устав да биде воведено и бугарското малцинство.

– Јас одамна предлагам прашањето со малцинствата да биде решено како во Србија. Таму се признати 26 малцинства. Можеме ние во нашиот Устав да вметнеме и Бугари, но и да ги додадеме Хрватите, Црногорците и сите други припадници на малцинствата во Македонија, што е наше богатство – предлага тој.

Поврзани содржини