ОБВИНИТЕЛКАТА САКА ДА ГО ДИСКВАЛИФИКУВА ТАТКОТО НА ВАЊА КАКО СВЕДОК Го праша каков ученик бил, а тој рече дека нему и на Шекеринска сакале да им ги сецираат мозоците за да видат што има во нив
Судијата Ивица Стефановски ја опомена обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска да прашува конкретно, а таа рече дека сака да го дисквалификува сведокот.
Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска го испрашуваше Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања, на денешното рочиште во судот.
Ѓорчевски повтори дека лично не ги познава обвинетите, ниту Љупчо Палевски, но дека знаел за кого се работи. Во соседството го знаеле како Упа, но тој го немал видено тогаш и не знаел како изгледа.
Обвинителката го праша од која дрога бил зависен во периодот од 1993 до 1995 година.
– За периодот неспорно е дека сум бил зависник. Сите мои пријатели и колеги го знаеја тоа, беше очигледно, а супстанцата беше хероин, која ја конзумирав назално. Никогаш не сум употребувал шприцеви и не сум бил екстремен зависник, ако е тоа прашањето – рече Ѓорчевски.
Александар рече дека Зорица имала вродена срцева мана и поради тоа уште од самиот почеток поголемиот дел од обврските свесно ги презел тој.
– За да ѝ олесниме на Зорица, во еден момент целосно дадов отказ, тогаш бев вработен во Кометал. Претпоставував дека тоа ќе биде за краток период, додека да се стабилизираме, но набрзо се роди Миња. Обврските се дуплираа и се пролонгираше периодот во кој бев невработен, околу 7 години, од 2010 до 2017 година – рече Ѓорчевски.
Вие одлучивте да не работите, но децата реално можеле да одат во градинка, а бабите да помагаат. Вие решивте неколу години да немате никаков финансиски придонес во семејството и да живеете од нејзината плата. Така ли е?
– Не. Воопшто не сте во право. Додека Зорица беше бремена, живеевме од мои заштедени средства, Зорица немаше приходи… Во врска со бабите, мајка ѝ на Зорица инсистираше да земеме жена како испомош, а таа и мајка ми воопшто да не се мешаат во одгледувањето и воспитувањето на децата. Имавме неуспешен обид, зедовме жена, но не бевме задоволни. Се обидовме и со градинка, една недела одеа во градинка, а потоа две недели дома беа болни. Зорица имаше поголема плата и логично беше таа да остане на работа, а јас да ги чувам децата – рече Александар.
Значи, за вас беше нормално да не работите? – праша обвинителката.
– Не беше нормално. Јас бев принуден, немаше кој. Јас кога дадов отказ, не знаев колку долго време ќе останам без работа. Мислев дека ќе биде на пократко време и ќе се вратам на работа, оти од 2 фирми имав отвоени врати – рече Ѓорчевски.
Познато ли ви е дека пред краток период Трифун Костовски јавно изјави дека за вашиот татко има само пофални зборови, а за вас не. Тоа значи дека не сте ги извршувале совесно обврските, како што се пофаливте? – праша обвинителката.
– Не сум слушнал за таква изјава од господинот Трифун Костовски, кој го знам од мал, и тенис сме играле заедно кога со татко ми беа претставници во Полска – рече Александар.
– Се сеќавате ли каков ученик бевте во основно. Не бевте добар ученик – рече обвинителката.
– Јас до петто одделение учев заедно со Радмила Шекеринска. Бевме двајцата првенци на генерација. На мене и на Радмила мислам дека дури сакаа и мозоците да ни ги сецираат за да видат што има внатре. Потоа дојде тинејџерски период, татко ми заминуваше на привремена работа во Полска. Тоа придонесе кај мене да се јави револт, а сите мои другарчиња, особено машките, попуштивме со учењето – раскажа Александар.
После овие прашања судијата Ивица Стефановски ја опомена обвинителката да прашува конкретно, а таа рече дека сака да го дисквалификува сведокот.
Според редовниот распоред на часови, Вања без исклучок, секој петок оди сама на првиот училишен час, бидејќи Миња, според распоредот почнува со настава од вториот час. Така ли беше и во петокот, на 24.11.2023 година? – праша обвинителката.
-Да. Таков беше редовниот распоред. За таа година, за прв пат, дури невообичаено, редовно Миња секој петок започнуваше од вториот час – рече Александар.
Обвинителката потсети дека на 24.11.2023 година, петок, бил направен неуспешен обид за грабнување на Вања.
На 27.11.2023, понеделник, Вања по исклучок треба да оди сама на првиот час, така? За тоа дека сама ќе оди на 27.11, а Миња ќе оди од вториот час, се знае од неделата вечерта, од 26.11.2023 година, кога Миња е известена од класната дека нема да го имаат првиот класен час. Тоа го дознавте и вие, така? – праша обвинителката.
– Да, но не беше на 26.11.2023, можеби беше и ден претходно. Има конверзација преку Вибер помеѓу мене и Зорица за тоа. Мислам дека од саботата знаевме. Затоа што и претходната недела класниот наставник на Миња отсуствуваше цела недела од училиште, ги губеа сите часови со неа – рече Александар.
Но, класната требаше да се врати во понеделникот, така? – праша обвинителката.
– Така бевме првично известени од класната, но дополнително нѐ извести дека и наредната недела ќе има обврски и дека децата ќе ги губат часовите од неа – рече Александар.
Значи, од сите обвинети овде, само вие знаевте вечерта на 26.11.2023 година дека Вања по исклучок на 27.11 ќе оди сама на училиште? – праша обвинителката.
– Логично, да. Јас не знам што знаеле другите обвинети, но јас знаев – рече Александар.
Обвинителката наведе дека таткото во неделата вечер на 26.11.2023, преку порака ги предупредил децата да се облечат топло зашто за утредента било најавено дека ќе биде студено.
Иако сте ги известиле дека ќе биде ладно на 27.11.2023, како пожртвуван родител, како што велите дека сте биле, вие, иако сте без работни обврски, не отидовте утрото со кола да ги однесете децата на училиште – рече обвинителката.
– Помислив на тоа, но Зорица имаше став дека треба да престанеме да ги галиме и размазуваме. И ако се понудев, знаев каков ќе беше нејзиниот одговор. Кога помислив да ги носам на училиште, јас имав целосно заборавено дека Миња е од втор час – рече Александар.