Обвинители нема ни за лек, Вилма Русковска доби едвај петмина
Во Македонија недостасуваат 60 обвинители. Крива Паланка нема обвинител од јануари 2017 година. Без обвинител ќе остане и Кратово, а недостига кадар и во обвинителствата во Тетово, Прилеп, Битола, Гевгелија, Куманово...
Основните и вишите јавни обвинителства веќе подолг период кубурат со кадар. Недостигаат дури 60 обвинители. Речиси и да нема обвинителство во Македонија кое работи според систематизацијата што ја пропишал законодавецот, а која бара да бидат вработени барем 260 обвинители.
Од друга страна, пак, политичарите секој ден ветуваат одлучна борба против криминалот и корупцијата, а се оглушуваат на фактите, иако македонските обвинителства веќе подолг период предупредуваат дека немаат ниту кадар, а нема ни доволно пари за сите обврски што ги добија, откако во Законот за кривична постапка, надлежностите за водење на истрагата од истражните судии преминаа кај јавните обвинители.
Претурање од едно во друго обвинителство
Вџашувачки е податокот дека Основното обвинителство во Крива Паланка нема обвинител дури од јануари 2017 година.Тогаш била донесена одлука за пензионирање на единствениот обвинител, па веќе три години за кривичните дела сторени на подрачјето на општините во Крива Паланка постапуваат обвинители од кумановското обвинителство, кое пак во отчетот што го дава до Советот на јавни обвинители веќе извесен период доставува извештај и за обвинителството во Крива Паланка.
Претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, за Плусинфо вели дека со сличен проблем ќе се соочат и обвинителството во Свети Николе, каде наредната година се очекува да оди во пензија еден обвинител со што таму остануваат празни четири места, предвидени со систематизацијата. Без обвинител ќе остане и обвинителството во Кратово, а недостига кадар и во обвинителствата во Тетово, Битола, Прилеп и Гевгелија. Освен обвинители кои недостигаат во сите основни и виши обвинителства, од претседателот Колевски дознаваме дека нема доволно ни информатичари и друг технички кадар. Со таков проблем се соочуваат и во Советот на јавни обвинители, каде што според систематизацијата треба да има 13 вработени во стручната служба, а има само седум.
– Недостигаат 60 обвинители, а на работа сега се 200. Нов кадар од Академијата за јавни обвинители ќе имаме за две години. Во овој период во пресрет излегуваат другите основни обинителства, тие ги преземаат обврските, како што е случајот со кумановското обвинителство. Оние обвинителства кои ќе останат без обвинители поради тоа што кадарот ги исполнил условите за пензионирање, нема во никој случај да бидат затворени, тоа впрочем не го дозволува ни Законот за јавно овинителство. Во тие обвинителства треба да биде упатен кадар од другите – објаснува Колевски и вели дека проблемот е алармантен и мора да се бараат решенија со измени на Законот во делот на распределбата на јавнообвинителстскиот кадар.
Русковска бараше осум, а доби пет обвинители
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, поради зголемениот обем на работа, побарало од Советот на јавните обвинители да добие уште осум јавни обвинители.
– Советот на јавни обвинители, кон крајот на јули, донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители за плус пет во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Според обемот на работа, предвидениот број на јавни обвинители и во ова обвинителство не ги задоволува потребите – објаснува Колевски.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески неодамна предложи празните обвинителски места да се потполнат со стручни соработници, откако тие ќе поминат скратена обука.
– Во овој момент треба да се создадат законски услови, па по оваа скратена обука да се дојде до минималниот број на потребни јавни обвинители, а потоа натаму академијата да ги оспособува судиите и јавните обвинители по таа редовна програма што ја има. Ако чекаме, тогаш навистина обвинителството ќе биде доведено во сериозно незавидна ситуација, затоа што на академијата еден циклус почетна обука трае некаде 3 до 4 години. Во тој период, поради природниот одлив со пензионирање, ќе се ослободат повеќе јавнообвинителски места – вели Јовески.
Некои од обвинилствата, освен што кубурат со кадар, мака мачат и со лоши услови за работа. По неколку обвинители работат во една канцеларија, без доволен простор, а недостигаат и пари. Сепак, вработените се надеваат дека со помош на ИПА проектот за подобрување на условите во 12 јавни обвинителства, како што им беше ветено пред неколку месеци, ќе можат релаксирано да ги извршуваат своите обврски.