„ОБВИНЕТИТЕ НЕ ИСКАЖАА КАЕЊЕ, НИТУ ОТКРИЈА ШТО СЀ СЕ СЛУЧИЛО“ Обвинителките побараа доживотен затвор за Палевски, Кешишев, Манев и за Видевски за свирепите убиства на Вања и на Панче
По злосторот ги сокриле сите траги, го уништиле и пиштолот. Но и покрај темелните подготовки не се надевале на брзината на полицијата и на совеста на Кешишев. Делата се сторени со умисла, со намера. Жртвите се грабнати на ист начин. Загрозени, врзани, во страв. Две дела убиства на свиреп начин, за кои е предвидена најтешка казна, рече обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска во завршните зборови.
Јавното обвинителство побара доживотен затвор за четворицата обвинети Љупчо Палевски, Влатко Кешишев, Боре Видевски и Велибор Манев за грабнувањето и за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски што се случија во ноември 2023 година.
Обвинителката Ана Стојковиќ Димитровска во завршните зборови од судскиот процес за двете свирепи убиства рече дека Обвинителство ги имало предвид исказите од одбраната на обвинетите, но не ги зело предвид, оти не се совпаѓале со доказите.
– Можеме да претпоставиме колкаво било страдањето на детето со четворица непознати. Кои ја носат некаде, потоа ѝ поставуваат прашања и ја убиваат. Самиот факт дека таа е дете од 14 години е доволно за доживотен затвор. Јавноста се прашуваше зошто е убиена Вања. Но за да се докаже нечија вина доволни се други факти, мести, време, дејствија. Мотивот не е нужно да се утврди. Тој е субјективен однос на злосторникот кон делото. Отсуството на мотив не е причина некој да не биде осуден. Казната според Кривичниот законик е од 10 години до доживотен. Нема олеснителни околности за обвинетите. Сите се во зрела возраст, сите се родители, сакале да се и политички фактор. Дополнително ги трауматизираат фамилијата и јавноста со нивните негирања на доказите и со манипулациите. За сите четворица Јавното обвинителство бара доживотен затвор. Одземање живот на дете не се толерира – заклучи обвинителката.
Таа претходно се осврна на исказите дадени пред судот од страна на петмината обвинети и ги спореди со исказите дадени пред Обвинителството.
– Велибор тврдеше дека сакале да го грабнат Панче, а не да го убијат. Но Палчо го убил, а Велибор се согласил. Дури и го закопал Панче и не пријавил во полиција. Го зел „цитроенот“. Се придружил и кон второто дело. Купил ракавици, чистел траги. Учествувал затоа што имал корист. Сакал пари, небитно дали со киднапирање или со убиство. Зел и лопата, покрај селотејп, вреќа, значи бил согласен и со второ убиство. Тврдеше дека е грешка Вања, но ни ова не е основано. Сите рекоа дека имале слика од детето, знаеле кого ќе грабнат. Оваа одбрана е дадена со желба за намалување на одговорност. Неспорно е дека соработувал во откривањето на делата – рече обвинителката Стојковиќ Димитровска осврнувајќи се на одбраната на обвинетиот Велибор Манев.
Таа додаде дека одбраната на обвинетиот Боре Видевски се состои од негирање пред судот иако тој ги признал делата што му се ставаат на товар во исказот даден пред Јавното обвинителство.
– Во исказот пред Јавното обвинителство, кој беше прочитан пред судот, тој даде детали. Толку детали може да даде само некој кој е запознаен со детали. Исказот во Обвинителството се совпаѓа со исказот на останатите. Нема докази за тортура, не се пожалил пред Обвинителството. Тортурата ја користи како изговор. Во распитот кажа детали, оти беше изненаден што е фатен и немаше време да смисли одбрана. Знаеше сѐ, време и место на делата. Неговиот исказ пред Обвинителството се поклопува не само со еден, туку со три искази на останатите обвинети. И за Александар даде ист исказ како Манев. Неосновано е и дека бил на работа во критичниот ден, а не бил. Снимки од Велес побараа од одбраната, како доказ, но на тие снимки ги нема обвинетите. Тој има пиштол, но не знае каде е. Ги извршил делата и не покажа каење – рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.
Кога се осврна на обвинетиот Влатко Кешишев, обвинителката во завршните зборови рече дека тој се обидел да се прикаже само како послушник на првообвинетиот Љупчо Палевски и дека не бил соизвршител.
– Но од сите докази произлегува дека е соизвршител. Копал земуница, вршел обиколка околу куќата на Манев, го закопувал убиените, носел радиостаница, ги возел останатите. Свесен е дека Палевски имал пиштол и дека во гепекот имало човек. По убиството учествувал во палењето на „цитроенот“. Ако видел што му се случило на Панче, можел да претпостави што ќе се случи со второто грабнато лице. Несоборливи се доказите против него. Евидентен е неговиот придонес во откривањето на делата, но и тој како Манев пропушти да изнесе сѐ и да покаже каење – рече обвинителката.
Таа додаде дека обвинетите ги смениле исказите.
– Во Јавното обвинителство, непритиснати од никого, тие кажаа дека Палевски добивал информации од таткото. Но, според доказите, тој знаел дека детето ќе оди само на училиште на 27 неомври. Александар не се пожали ни за тортурата. До денот на приведувањето, полицијата го третирала како оштетена странка. Но, од другите искази на обвинетите произлегува дека учествувал во делото. Нивните искази одговараат на фактичката состојба и нереално е нивните искази да бидат точни во сѐ, а лажни само за Александар. Вања секој петок одела сама. Обвинетите не можат да грабнат две тинејџерки и им било битно таа да биде сама. Тоа се случило во неделата попладне кога родителите добиле информација дека Миња во понеделник ќе губи прв час, што значело дека Вања ќе оди сама. Затоа во недела попладне Палевски ги свикал останатите да дојдат итно. Палевски претходно ја следел жртвата, знаел каде ќе се движи. Штом добил информација, тргнале по планот – рече обвинителката.
Таа изрази сомнеж како на таткото Александар му бил чуден „цитроенот“ кога на снимката не се гледале ниту марката, ниту регистрацијата.
– Како знаел дека возилото е запалено, кога тоа го знаела само полицијата? На снимките од фризерницата поминуваат десетици возила, и стари и нови, некои чадат, некои не. Но тој само ова возило го пријавил за сомнително. Дали има докази за комуникација на Александар и Палевски? Нема. Но Палевски бил технички подготвен, бришел докази, имал повеќе телефони. Од сите докази произлегува дека таткото помагал во грабнување. Никој не тврди дека Александар имал умисла да му биде убиено детето. Но неговата улога е трагична, со оглед на исходот и бараме судот да го прогласи за виновен – рече обвинителката Стојковиќ Димитровска.
Во однос на првообвинетиот Палевски, обвинителката рече дека тој се бранел со негирање.
– Но исказите на останатите обвинети ја докажуваат неговата вина, како и останатите докази. Снимките од Велес, другите докази, ја утврдуваат неговата вина. Тврдеше дека снимките од пред куќата во мај е од друг период, мај 2023, но тие го немале возилото „рено кангу“ пред септември 2023. Палевски за себе се обидувал да создаде алиби. За 22 ноември се обиде алиби да му биде Ерол Османи, дека му го поправал котелот, но Османи тврди друго. За 27 ноември нема алиби, тврди дека бил во банка, но тоа е после 11 часот, а детето е убиено пред 9. Тврдеше дека нема податоци од базните станици за неговиот телефон, но тие постојат и не му одат во прилог. За време на злосторот носеле радиостаници. Сите обвинети имаат повици после 11 часот – рече обвинителката.
Според неа, нерелевантни се и останатите тврдења од неговата одбрана. Тврдел дека не бил во бегство, туку на лекар, но не дал докази за тоа.
– Тој не ни знаел каде ќе оди на преглед. Штом стигнал во Белград, преку Вестерн унион добил 4.000 евра и заминал во Турција. Во „ренџ роверот“ со кое одел кон Турција има негови ДНК траги, а во „реното“ нема. Тој го возел тоа „рено“ и не е можно да не оставил траги. Тоа кажува дека систематски ги бришел – нагласи обвинителката.
Таа рече дека сите докази со логична анализа потврдуваат дека обвинетите ги сториле делата, дека долго и темелно се подготвувале.
– Примарната цел била Вања, сржта биле парите, а Панче бил средство за остварување на целта. Во нивната умисла е да земат пари. Тие притоа биле согласни со сите последици. Неслучајно е одбран Панче, мислеле дека додека сфатат дека го нема, тие ќе ги скријат трагите. Им требал неговиот „цитроен“ со голем гепек. Намерно, цело и умислено го сториле злосторство. Потоа планот им се расипал кога не успеале да ја грабнат Вања во петокот. Но тоа не ги поколебало, само добиле време подобро да се подготват. Дрскоста е дополнителна со тоа што го сториле среде бел ден. Што сакале да постигнат, супериорност? Ја грабнале од влезот, за детето да не биде снимено надвор од зградата. Телефонот веднаш ѝ го уништиле. По злосторот ги сокриле сите траги, го уништиле и пиштолот. Но и покрај темелните подготовки не се надевале на брзината на полицијата и на совеста на Кешишев. Делата се сторени со умисла, со намера. Жртвите се грабнати на ист начин. Загрозени, врзани, во страв. Две дела убиства на свиреп начин, за кои е предвидена најтешка казна. Жртвите се врзани ставени во гепек, им се вперил пиштол. Овие стресови се катастрофална траума од висок интензитет, двете жртви претрпеле тешко страдање – додаде обвинителката.