„ОБВИНЕНИЕТО Е КОНСТРУКЦИЈА И РЕЗУЛТАТ НА ПРИТИСОК“ Хајрулахи и Цветановски жестоко ја отфрлаат одговорноста

Двајцата суспендирани обвинители ги отфрлаат наводите, тврдејќи дека станува збор за конструкција поврзана со предметот „Бонусите во СЈО“ и случајот „Рекет 2“.

759

Суспендираните обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски категорично ги отфрлаат сите наводи од поднесеното обвинение на Основното јавно обвинителство Штип, тврдејќи дека станува збор за конструкција поврзана со предметот „Бонусите во СЈО“ и случајот „Рекет 2“.

Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи денеска реагираше на поднесеното обвинение од Основното јавно обвинителство Штип за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик.






– Најкатегорично ги отфрлам сите наводи од предметното обвинение, во ниту еден случај никого ниту сум малтретирал ниту сум навредувал. Доказ за тоа се изјавите на другите вработени кои што доброволно се пријавија и секој од нив достави име, презиме и адреса, со цел да бидат повикани од страна на јавниот обвинител Татјана Кацарова и истите да ја прикажат реалната состојба во Вишото јавно обвинителство, а не конструкциите направени од обвинителката Фатиме Фетаи и нејзината дружина кои што се наводно оштетени од моја страна. Чудно е како овој јавен обвинител односно Татјана Кацарова не ги прифати како сведоци вработените од Вишото јавно обвинителство Скопје кои што и тоа како се од голема важност, бидејќи истите тие биле присутни при секој одржан состанок од моја страна како виш јавен обвинител со вработените во Вишото јавно обвинителство Скопје, а била прифатена Фатиме Фетаи како сведок и истата сведочела во овој предмет, иако никогаш ама баш никогаш не присуствувала на ниту еден состанок со вработените – вели тој.

Хајрулахи посочи дека обвинението доаѓа по негово неделно гостување во поткаст, кога открил дека МВР поднело кривична пријава против двајцата поранешни јавни обвинители од СЈО – Лиле Стефанова и Бурим Рустеми.

– Зошто се прави денеска и зошто баш во овој период е повеќе од јасно, бидејќи пред неколку дена на еден поткаст обзнанив дека против двајца поранешни јавни обвинители од СЈО, односно против Лиле Стефанова и Бурим Рустеми, од страна на МВР е поднесена кривична пријава по истите наводи како што беше случајот со „Рекет 1“, сега ова е крстено како „Рекет 2“. Сакајќи да го пренасочат вниманието и јавноста да не се заинтересира за случувањата во тогашното СЈО, а по однос на предметот „Рекет 2“, Јавното обвинителство сега после два месеци излегува со соопштение за поднесеното обвинение – прашува Хајрулахи.

Обвинението, според Хајрулахи, е конструкција на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој заедно со јавната обвинителка Фатиме Фетаи и петте вработени во Вишото јавно обвинителство, како и јавниот обвинител Гаврил Бубевски, се обидуваат да ги заштитат обвинетите во предметот „Бонусите во СЈО“.

– Замислете после два месеци Јавното обвинителство излегува по однос на обвинението иако сѐ уште обвинението лебди и не се знае физички каде се наоѓа, дали во Основниот суд Штип, дали во Врховен суд или во Основен суд Скопје. Интенцијата е јасна, а тоа е да си ја спасат својата кожа т.е. да се спасат од „Бонусите во СЈО“, да се пренасочи вниманието, односно последните случувања во Јавното обвинителство каде што Лиле Стефанова и Бурим Ристеми се осомничени за кривично дело како што беше во случајот „Рекет 1“ – додава тој.

Суспендираниот јавен обвинител Јован Цветановски исто така се огласи, истакнувајќи дека не бил повикан ниту бил запознаен дека се водела постапка против него во ОЈО Штип.

– Знаев дека има некое обвинение од 28.07.2025 година, а тоа обвинение е пресликано од Одлуката што ја донесе дисциплинската Комисија, со тоа што е ставен плус и предметот за бонусите во СЈО. Јас не сум смеел да донесам одлука во однос на жалбата, иако надлежност на јавниот обвинител е да донесе одлука по секоја жалба, бидејќи се работи за кривично дело во кое што е дополнително оштетен Буџетот, а до ЈОРСМ е доставен писмен предлог да направат надзор над работењето за тој предмет кој што надзор до денеска ниту е почнат, ниту е донесена одлука. Така што, моето решение е единствено во однос на таа правна ситуација во којашто ОЈО ГОКК донеле незаконита одлука, а со која е оштетен Буџетот на РМ. Обвининето денеска е во таа насока да се направи дополнителен пристисок, особено во јавноста. Но, јас се надевам дека судење ќе има, каде конечно ќе можам во своја одбрана, бидејќи досега не ми била дадена таква можност, да го отворам целиот процес за сите овие предмет, во кои главна алка се обвиненија од страна на СЈО поднесени без докази. Јавноста ќе има доволен аргумент сама да процени на кој начин Обвинителството работи – додава тој.

Цветановски истакна дека обвинението формално правно не е во сила, а судот ќе треба да одлучи за неговата правна валидност.

– Обвиниението не е во правна сила. ОЈО Штип го поднело до Основниот суд Штип, кој се огласил за ненадлежен и се уште трае процедурата кој суд ќе биде надлежен, што значи дека обвинетите не се запознаени за ова обвинение. Формално правно ова е обвинение што не е во правна сила и дали ќе биде не се знае, сепак треба судот да одлучи – вели Цветановски.

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Штип, денеска преку соопштение до медиумите информираше дека по целосно спроведена истражна постапка и обезбедени докази, е поднесено обвинение против суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје Мустафа Хајрулахи за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ од член 143, како и за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 1 од Кривичниот законик, заедно со уште еден соизвршител – јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје.

Според ОЈО Штип, обвинетите спротивно на Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства, примените писмена кои по отворањето, му биле предавани од страна на овластениот јавнообвинителски службеник за прием, првообвинетиот ги задржувал и барал да не бидат заведени истиот ден или редоследно, туку да бидат заведени неколку дена подоцна и под различен датум од приемниот. Истовремено барал од службениците тие предмети директно „без многу галама“ да бидат доделувани на второобвинетиот.

-Постапувајќи во наведените предмети, обвинетите не ја извршувале својата службена должност согласно чл.7 од Законот за јавното обвинителство, односно функцијата јавен обвинител ја вршеле незаконито, пристрасно и субјективно, со непочитување и без заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите правни субјекти, надвор од рамките на своите надлежности, а со намера да овозможат друг да се стекне со имотна корист, со што потешко ги повредиле правата на странките во неколку постапки, се вели во соопштенито од ЈОРСМ.

Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност при ЈОРСМ во јуни годинава донесе одлука дека Хајрулахи и Цветановски од Вишото јавно обвинителство Скопје сториле тешки дисциплински повреди од член 91 алинеја 6 од Законот за јавното обвинителство, односно намерно и неоправдано направиле крупни професионални грешки по што следеше нивна суспензија.

КОЦЕВСКИ ЖЕСТОКО УДРИ ПО ОБВИНИТЕЛИТЕ ХАЈРУЛАХИ И ЦВЕТАНОВСКИ Обвинителството од Штип им поднесе обвиненија

Поврзани содржини