Обвинение за Скопјанецот кој три години се борел во Сирија како член на ИСИС

За потсетување, акцијата беше спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година и притоа беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна беше уапсено уште едно лице.

558

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд достави обвинение против дваесет и четиригодишниот И.Т. од Скопје, за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации. Обвинетиот е дел од групата опфатена во акцијата „Ќелија 2“.

За потсетување, акцијата беше спроведена на седум локации во Скопје и Тетово, на 9 јули 2016 година и притоа беа уапсени четири лица – поранешни припадници на ИСИС, а подоцна беше уапсено уште едно лице. За останатите три лица меѓу кои и обвинетиот И.Т. беа распишани национални и меѓународни потерници.






– По претходна радикализација во нашата земја, И.Т. како македонски државјанин спротивно на законот заминал во Сирија, каде бил обучуван и учествувал во воените акции на паравоената формација – муџахединска единица наречена Тахрир Хајат Ал-Шали, која од страна на ООН е прогласена за терористичка организација. По завршената обука која траела околу шест месеци бил распореден во единица задолжена за обезбедување на терен во близина на градот Ибдил и извршувал одредени стражарски активности – стои во соопштението од ОЈО.

Оттаму додаваат дека по постигнатото примирје во 2017 година, обвинетиот во јули 2019 година од Сирија илегално влегол во Турција и одреден временски период престојувал во Анкара и Истанбул. Со оглед дека со него имал патна исправа со истечен рок на важење не можел легално да се врати дома, па стапил во контакт со неговите родители.

– Согласно договорот, тој илегално ја преминал турско – грчката граница и во Грција се сретнал со неговите родители, кои му ја донеле патната исправа на неговиот брат со која ја поминал границата и истиот ден преку ГП Долно Блаце ја напуштил државата заминувајќи на Косово – велат од обвинителство.

Кога се вратил во Македонија, врз основа на претходно издадена наредба за издавање на национална и меѓународна потерница од 2017 година, обвинетиот И.Т. на 06.10.2020 година беше спроведен во КПУ Затвор Скопје – Скопје.

Имајќи ги предвид специфичноста, видот, тежината и начинот на извршување на кривичното дело, како и меѓународниот карактер на истото, а воедно и фактот дека обвинетиот долго време бил недостапен на органите на прогонот, обвинителството достави и посебен предлог за продолжување на мерката притвор.

Поврзани содржини