ОБРОЦИТЕ ОД „ДАЛМА“ ЗА АРМ СЕ 100% ИСПРАВНИ Контролите потврдиле дека немало ни труење ни бактерии
Одредени оброци, како појадок и вечера, се подготвуваат од страна на самата Армија, а компанијата нема надлежност врз кујните во касарните, се вели во соопштението на „Далма Фоод и Кетеринг Сервис“.
По неодамнешните шпекулации околу реализацијата на јавната набавка за исхрана на припадниците на Армијата , компанијата „Далма Фоод и Кетеринг Сервис“ информира дека извршената вонредна контрола на кујните и намирниците потврдила целосна исправност. Контролите, спроведени од 12 до 19 септември 2024 година, не откриле никакви нарушувања на здравствените стандарди, а сите земени мостри биле негативни на било какви бактерии или причинители на труење.
Според официјалното соопштение на компанијата, инспекцијата опфатила проверки на храната, опремата и на персоналот. Резултатите покажале дека сите сегменти од подготовката и послужувањето на оброците за АРМ се во согласност со пропишаните стандарди за јавната набавка. Нема забележан ниту еден случај на труење од храната подготвена од “Далма Фоод”, се вели во соопштението.
Компанијата, која веќе повеќе од 20 години работи во кетеринг секторот, опслужува 20 точки ширум државата, обезбедувајќи оброци за припадниците на АРМ. Воедно, се нагласува дека одредени оброци, како појадок и вечера, се подготвуваат од страна на самата Армија, а компанијата нема надлежност врз кујните во касарните.
Од “Далма Фоод” потврдуваат дека сите нивни активности се транспарентни и отворени за контроли од надлежните органи. Компанијата истакнува дека ќе преземе соодветни правни чекори против јавните шпекулации што доведоа до вонредните контроли.