Обновените резултати на „AстраЗенека“ покажаа пониска ефикасност
Компанијата сега објави дека ефективноста на вакцината е 76 проценти во спречување на симптоматски ковид-19, наместо 79 проценти колку што објави пред неколку дена.
По критиките на американските власти дека објавените податоци за клиничкото испитување за вакцината се застарени, британско-шведската компанија „АстраЗенека“ во средата го ревидираше за три процентни поени резултатот од студијата за ефикасноста на нејзината вакцина против ковид-19.
Компанијата сега објави дека ефективноста на вакцината е 76 проценти во спречување на симптоматски ковид-19, наместо 79 проценти колку што објави пред неколку дена.
Таа додаде дека вакцината е сè уште сто проценти ефикасна во спречување на тешка форма на ковид-19.
Соопштението на компанијата дојде откако независен тим експерти, одговорен за надгледување на клиничкото испитување во САД, изрази загриженост дека „АстраЗенека“ не ги вклучила новите податоци во претходно објавените прелиминарни резултати од истражувањето.
Институтот за здравство на САД последователно издаде многу невообичаена изјава со која се повикува „АстраЗенека“ да работи со тимот и потоа да издаде ново соопштение со резултатите.
„Подготвени сме да поднесеме барање за итно одобрување во САД и се подготвуваме да дистрибуираме милиони дози низ Америка“, рече портпаролот на компанијата Мене Пангалос.
Новата бројка е резултат на вклучување на 190 лица со ковид-19 меѓу 32.449 субјекти вклучени во клиничко испитување на вакцините во САД, Перу и Чиле, од кои две третини добиле „AстраЗенека“ и една третина плацебо.
Претходните податоци за ефикасноста на вакцината се темелеа на 141 случај на заболени лица кои развиле симптоми до средината на февруари.
Компанијата сега додаде дека има уште 14 случаи на можна болест за кои сè уште треба да се одлука.
Во зависност од оваа проценка, конечниот процент на ефикасност на вакцините може да се зголеми или намали.
Според компанијата, ефикасноста на вакцината на лица постари од 65 години е 85 проценти, но статистичкиот опсег е помеѓу 58 и 95 проценти.
Во клиничко испитување, осум испитаници развиле тешка форма на ковид-19, но никој од овие лица не бил вакциниран.
Досега, во САД се одобрени три вакцини – „Модерна“, „Фајзер“/„БиоНТех“ и „Џонсон и Џонсон“.