Обложувалниците реагираат на забраната за онлајн-обложување: Државата ќе губи 50 милиони евра годишно, а странски сајтови ќе тријат раце
Неверојатно е дека државата не ги гледа сите придобивки што онлајн обложувањето ги донесе во буџетот среде економската криза, особено што оди во прилог на мерките за борба против епидемијата, бидејќи играчите без физичко присуство можат да уживаат во овој вид на забава, реагираат обложувалниците.
Неверојатно е дека државата не ги гледа сите придобивки што онлајн обложувањето ги донесе во буџетот среде економска криза, особено што оди во прилог на мерките за борба против епидемијата, бидејќи играчите без физичко присуство можат да уживаат во овој вид на забава. Во време кога целиот свет се префрлува на веб-работење и повеќето работи можат да се направат онлајн, нашата земја повторно прави чекор наназад. Одредени интересни групи работат и против здравствениот и економскиот систем на земјата. Ваква е реакцијата на спортските обложувалници откако беше донесена одлука да се укине опцијата за онлајн-обложување.
„Уредбата која на 24 април овозможи онлајн обложување во земјата по пат на домашни лиценцирани сајтови мораше да биде претворена и во трајно законско решение, бидејќи тоа е двострана корист и за државата и за индустријата. Наместо тоа, уредбата е укината, со што на играчите им е одземен најбезбедниот начин да се забавуваат, а на приредувачите им е одземена можноста за непречено работење. Македонија со воведувањето на Уредбата за онлајн обложување покажа дека ги следи европските процеси, се овозможи и понатамошно континуирано полнење на државниот буџет и чување на десетици илјади работни места среде кризата која сè уште е во полн ек. Легалните приредувачи на игри на среќа очекуваа дека и идните законски решенија ќе го следат тој пример, но повторно наидуваат на препрека. Во услови на пандемија и намалено движење на граѓаните во зима, со укинување на уредбата за онлајн обложување доаѓа до огромни намалувања на приходот во оваа индустрија, што драстично ќе се одрази на приливот од стотина милиони евра во државниот буџет годишно“, реагираат спортските обложувалници преку соопштение.
На тој начин, додаваат оттаму, предност повторно се дава на странските сајтови за онлајн обложување на кои играчите повторно масовно ќе заминуваат, што е огромна загуба за државата – помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно.
„Уредбата на Владата усвоена на 24-ти април е донесена како одговор на криза и таа помогна да се сочуваат многу работни места кои директно и индиректно ги поддржува индустријата – повеќе од 70.000 луѓе во потполност или делумно се зависни од генерирање на личен доход во еден цел ланец на вредности кој го создаде оваа индустрија. Уредбата помогна на приредувачите да ги задржат своите вработени, но и да продолжнат да влеваат средства во државниот буџет, кој на годишно ниво изнесува 280 милиони евра. Уредбата се покажа како одлично решение за одржливост на оваа индустрија, која директно вработува околу 10.000 луѓе и има силен придонес кон државната економија, особено што спортското обложување беше една од најпогодените гранки во кризата. Прво заради стопирањето на сите спортски натпревари ширум светот, а покасно и заради тоа што спортските обложувалници беа затворени речиси два месеца согласно рестриктивните мерки на Владата. Индустријата на игри на среќа плаќа високи даноци и учествува со неверојатни 4% удел во бруто домашниот производ, а придонесот на индустријата на игри на среќа кон јавниот буџет годишно се зголеми околу 40 отсто“, наведено е во соопштението.