Обскурна многувековна страст

По којзнае кој пат низ вековите, Македонија се соочува со оваа „источна страст“, што повторно ги покренува соседните орди на акција: да се заврши незавршеното, страствено да се заокружи посакуваното цело, да се исполни вековниот („мокар“) сон. Денес тој сон е извонредно дипломатски/државнички камуфлиран низ грижата за набрзина склепаното „бугарско малцинство“ во Македонија, за некакви нивни „граждани“ кои некој, ете, ги малтретира заради нивната самосвест и слични глупости. „Среќното“ ЕУ семејство, по којзнае кој пат, наседнува на таа нивна страст, на таа нивна „емотивно“ исткаена врска со нивните „граждани“ овде. Кои, патем, речиси до вчера ги немаше, а и да ги имаше, источниот сосед се грижеше за нив колку и за ланскиот снег.

603

Теофил Панчиќ, во еден свој неодамнешен текст, вели: „На крајот, нели е најтешка онаа трагедија што се случува без видлива причина?“ Затоа, кога го слушате барањето на Стејт департментот Бугарија и Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатералните спорови, останувате малку затечени. Зошто? Затоа што Македонија нема спор со Бугарија туку Бугарија има со – Македонија. Следствено, тие треба да го решат спорот, а не ние.

А во случајов, и САД, па и ЕУ, како да го читаат Панчиќ па нивните коментари на македонско-бугарската ситуација ја префрлуваат на територијата на филозофијата. Но, тоа не е така во случајов, односно ставот на Панчиќ, генерализиран односно „филозофиран“, е точен. Но е неприменлив на актуелниов случај, бидејќи тој, „случајот“, не „се случува без видлива причина“! Причината е длабока, голема, историска, стресно емотивна… И е еднострана, што не е неважно! Бидејќи станува збор за обскурна страстна желба, за мрачен копнеж (што би рекол Буњуел).






Тогаш, зошто вакви препораки од САД и на ЕУ?

Затоа што тие, нормално, (и овде) го следат само сопствениот интерес; и второ, како некој да им сервира за читање и слушање ставови од (најблаго речено) погрешни луѓе од Македонија.

Фактот дека има и такви кај нас кои мислат дека ние треба да бидеме „учтиви и студени“ и кога нѐ нарекуваат со најпогрдни имиња, дека треба да му ја отвориме границата и на човек кој на претседателот на државата му се заканува со атентат, дека ние треба да го слабееме автократскиот режим во Москва (sic!) но не и во сопствената држава со најкорумпирана власт…, сето тоа се милозвучни тонови штелувани токму за нивните уши, но не ја одразуваат ситуацијата/расположението во државава. Уште помалку ги расветлуваат корените на „проблемот“.

Зашто, историјата вели дека ништо не се случува без причина. Таа, причината, можеби не е веднаш и целосно видлива – иако во нашава приказна е – но токму затоа постојат книгите, архивите, документите. А најголем дел од нив ги има и во библиотеките во САД и на ЕУ! Историјата, секако, не може да ги реши современите проблеми, но може да ги направи поразбирливи.

„Иднината на Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатланска интеграција на земјата“, се наведува во изјавата од Стејт департментот. И тоа никој нормален и добронамерен не може да го спори. Но, во „случајов“, Македонија не е таа којашто самата ја кочи сопствената евроинтеграција, како што тоа сака да ни го претстави еден албански квазианалитичар. Напротив. Иако ние, де факто, никогаш и не направивме аналитички осврт кој сѐ, и како, локално го кочеше македонскиот евроатлантски пат од времето на добивањето на кандидатскиот статус до денес. Во таа приказна би имало многу замешани страни, нели?! И прсти, политикантски.

Како и да е, мислам дека „бугарската приказна“ со Македонија никогаш нема да заврши. Или, ќе  заврши – лошо. За нас, се разбира. Како што, впрочем, беше случајот и со грчката приказна. Фактот што некои кај нас и таквите, во основа трагични, приказни сака да ги прикаже како наши победи, е сосема друга работа. Бидејќи ние, демек, имаме цел. Другите – немаат, другите се будалетинки и не знаат што прават. ОК. Меѓутоа, да беше навистина така, да бевме ние – а не другите – тие кои ги води целта, зарем ќе игравме вакво „ситно бугарско“? И зошто? Заради целта? Ма дајте, ве молам. Па замислете оние десетици илјади македонски жртви на германскиот и бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна да тргнеа по таа „целна логика“ којашто во суштина би значела: спасувај го сопствениот задник?! Каде ќе бевме денес?

По којзнае кој пат низ вековите, Македонија се соочува со оваа „источна страст“, што повторно ги покренува соседните орди на акција: да се заврши незавршеното, страствено да се заокружи посакуваното цело, да се исполни вековниот („мокар“) сон. Денес тој сон е извонредно дипломатски/државнички камуфлиран низ грижата за набрзина склепаното „бугарско малцинство“ во Македонија, за некакви нивни „граждани“ кои некој, ете, ги малтретира заради нивната самосвест и слични глупости. „Среќното“ ЕУ семејство, по којзнае кој пат, наседнува на таа нивна страст, на таа нивна „емотивно“ исткаена врска со нивните „граждани“ овде. Кои, патем, речиси до вчера ги немаше, а и да ги имаше, источниот сосед се грижеше за нив колку и за ланскиот снег.

Тоа ќе рече дека оваа „трагедија“ не „се случува без видлива причина“, туку причината е одамна јасна, јавно изречена дури и низ современи пароли и настојувања, а ги влече корените од времето на Првото бугарско царство, од мигот кога овие јужни опојни мириси – Јадранот и Медитеранот – стануваат главен опијат за источниот сосед. И таа страст трае до денес, низ историјата обележена главно со крв и насилство. Затоа е и обскурна, мрачна, анахрона, ретардирана…

А сепак, дури и да се обидеме историски да ја разбереме таа страст, тоа слепило и насилничко, освојувачко однесување, таа приказна на двете држави се смета(ше) затворена од 1945 година наваму. Не само за нас, не само за Бугарија, туку и за Европа, за САД, и за светот. Дури таа страст и да имала некаква основа (иако сите факти говорат дека не е така), таа територијална алчност да имала некаква подлога во историските собитија на овие простори, денес, во 21-от век да негирате нечие постоење, право на идентитетско самоопределување и јазик, култура, историја итн., е лудило, болест, патологија. Да, и страста умее да премине во патологија, но зарем меѓународните политички механизми, особено овие во ЕУ, немаат соодветна терапија? Имаат, се разбира, како што имале во многу други случаи, но нивната непримена е всушност најтаинствениот дел од мислата на Панчиќ: која е таа невидлива причина што дозволува ваква трагедија денес?

Денес, се разбира, на европска Бугарија, ваква каква е – политички растурена, визно понижена, монетарно нестабилна… – ѝ е неопходно разгорувањето на овој вековен пожар што тлее, чијшто чад малку би ги затскрил внатрешните проблеми и неспособноста на политикантските им „елити“. Како впрочем и на нашиве, згора натоварени со титулите на најкоруптивна, најзагадена, најнеспособна држава/власт… итн.

Но, чуму им е оваа трагедија на ЕУ и на САД?! Дали е тоа вистинското (наградно) прашање? И зошто никој не го поставува?

(teodosievskiumetnost.wordpress.com)
Поврзани содржини