ОБЈАВЕНА Е ВЛАДИНАТА ПОТРОШУВАЧКА КОШНИЧКА Таа изнесува 58.845 денари

Најголемата разлика меѓу двете кошници се забележува кај трошоците за храна и пијалаци. Разликата изнесува 3.900 денари месечно.

6

Потрошувачката кошница на Министерството за економија во август изнесува 58,845 денари, и како што рече министерот за економија Бесар Дурмиши  за околу 11.200 денари помала од синдикалната.

Во август минималната синдикална кошничка изнесуваше 68.675 денари. Септемвриската синдикална кошничка изнесуваше 69.432 денари.






Дурмиши појасни дека разликата произлегува од методологијата на пресметка на кошничката и не треба да се толкува дека едната е поверодостојна од другата.

– Мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Синдикалната кошница се базира на процена на посакуваните трошоци за живот, додека нашата пресметка се темели на официјални податоци за реално остварената просечна потрошувачка –  рече Дурмиши.

Најголемата разлика меѓу двете кошници се забележува кај трошоците за храна и пијалаци. Разликата изнесува 3.900 денари месечно.

Според пресметката на Министерството, оваа категорија во август изнесувала 21.132 денари, додека во синдикалната минимална кошница биле предвидени 25.032 денари.

За пресметката на потрошувачката кошничка се користат податоци од Државниот завод за статистика, цените на производите во осум града, податоците од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цените на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири.

– Целта не е да се претстават трошоците на граѓаните како пониски отколку што навистина се, туку да се користи методологија заснована на официјални статистички извори. Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска – рече Дурмиши.

Дурмиши рече дека синдикалната минимална кошница вклучува алкохол и цигари, како и трошоци за кирија, додека владината пресметка се заснова на службените податоци за реално остварената потрошувачка.

Министерот нагласи дека различните пристапи не треба да се гледаат како обид едната пресметка да се прогласи за поважна од другата, туку како показатели што се добиваат со различни методолошки пристапи.

Поврзани содржини