ОБИД ЗА ГОЛЕМ НАПАД ВРЗ ГЕРМАНСКАТА ЕНЕРГЕТСКА МРЕЖА Неколку ракети со експлозив пронајдени кај електрана

Трансформаторската станица во близина на термоелектраната Јеншвалде била погодена повеќепати, а полицијата пронашла неколку експлозивни и запаливи направи. Нема опасност за населението.

0

Во близина на термоелектраната Јеншвалде во германската покраина Бранденбург бил извршен обид за напад врз трансформаторска станица. Полицијата кај постројката во местото Турнов-Прајлак пронашла експлозивни направи, за кои се наведува дека станува збор за ракети опремени со експлозив.

На терен се стручни екипи кои работат на нивно деактивирање, пишува „Велт“.






Полицијата околу 8 часот утрово била известена за можно оштетување на еден од далноводите.

– Ги обезбедуваме трагите, а на терен се стручни лица за деактивирање – изјавила портпаролката на полицијата, потврдувајќи дека нема никаква опасност за населението.

Истрагата ја презела Покраинската канцеларија за криминалистичка полиција на Бранденбург (LKA), а пронајдените направи биле опишани како импровизирани експлозивни и запаливи средства.

Весникот „Меркише алгемајне“ (Märkische Allgemeine), повикувајќи се на извори од безбедносните кругови и од самата компанија, објави дека интервентните екипи пронашле и деактивирале неколку ракетни направи со експлозив.

Според истиот извор, трансформаторската станица била погодена повеќепати. Очигледно целта била да се предизвика поголем прекин во снабдувањето со електрична енергија во блокот Е на термоелектраната на јаглен.

Операторот на електропреносната мрежа 50Херц (50Hertz) потврдил за „Меркише алгемајне“ дека се случил инцидент.

– Утрово, засега непознати сторители веројатно оштетиле неколку водови во преносната мрежа на 50Херц – соопштила компанијата.

На водовите бил регистриран краткотраен прекин во работата, но во меѓувреме сите повторно биле ставени во функција.

Од компанијата истакнале дека општото снабдување со електрична енергија не било загрозено и дека тесно соработуваат со надлежните безбедносни служби.

Портпарол на операторот на електраната „ЛЕАГ“ потврдил дека во инцидентот нема повредени лица.

Трансформаторската станица Прајлак, која се наоѓа во округот Шпре-Најсе, во близина на границата со Саксонија, има важна улога во дистрибуцијата на електричната енергија произведена во термоелектраната Јеншвалде на регионално и национално ниво.

Според податоците на компанијата „ЛЕАГ“, термоелектраната Јеншвалде била изградена во периодот од 1976 до 1989 година и била последната голема електрана изградена во поранешната Источна Германија (ГДР).

Поврзани содржини