🎥 ОБЕЗБЕДУВАЊЕТО НЕ Ѝ ДОЗВОЛИ НА НИНА ДОБРЕВ ДА ПОЗИРА НА ЦРВЕНИОТ ТЕПИХ ВО ВЕНЕЦИЈА Засега нема официјално објаснување за непријатниот настан

Видеото од моментот стана вирално, но не се знае причината поради која обезбедувањето ја замоли актерката да се тргне од црвениот тепих на Венецијанскиот филмски фестивал. Се претпоставува дека станува збор за строго организираниот распоред за позирање пред фотографите

7

Нина Добрев доживеа прилично непријатен момент на Венецискиот филмски фестивал, откако обезбедувањето ја прекина додека позираше пред фотографите и ѝ покажа да продолжи понатаму.

Инцидентот се случил на 2 септември, за време на премиерата на „Ink“ на режисерот Дени Бојл, со која беше отворено 83. издание на фестивалот. Добрев застана на црвениот тепих во спектакуларна црна креација на Armani Privé со светкави детали. Додека позираше, маж од обезбедувањето ѝ пријде, покажа кон часовникот и со гест ѝ даде до знаење да продолжи. Добрев изгледаше збунето, но на крајот се тргна од местото.






Снимката од непријатниот момент брзо се прошири на социјалните мрежи, а дел од корисниците реагираа со чудење зошто актерката била отстранета од црвениот тепих веднаш откако застанала пред фотографите. Сепак, странските медиуми нагласуваат дека нема потврда оти станувало збор за каков било инцидент или прекршување на правилата од страна на актерката. Едно од можните објаснувања е дека морала да го ослободи просторот поради строго определениот распоред на пристигнувањето на гостите.

Подоцна истата вечер Добрев продолжила со фестивалските активности, а се појавила и на ексклузивната вечера организирана од Armani Beauty, на која присуствувале и други големи имиња.

Нина Добрев е родена како Николина Каменова Добрева на 9 јануари 1989 година во Софија, Бугарија, а нејзиното семејство се преселило во Канада кога била дете. Во светот на актерството се пробила со канадската серија „Degrassi: The Next Generation“, но светската слава ја стекна со серијата „The Vampire Diaries“, во која од 2009 до 2015 година ги играше Елена Гилберт и нејзините двојници.

По „The Vampire Diaries“, Добрев продолжи со филмски и телевизиски проекти. Меѓу филмовите во кои се појави се „The Perks of Being a Wallflower“, „Let’s Be Cops“, „The Final Girls“ и „xXx: Return of Xander Cage“, а последниве години продолжи да работи и на телевизиски проекти.

Засега ниту Нина Добрев ниту организаторите на фестивалот не дале официјално објаснување за интервенцијата на обезбедувањето.

Поврзани содржини